Девизните резерви забележаа раст во вториот квартал на 2024 година и на крајот на јуни изнесуваа 4,338 милиони евра. Дел од растот на девизните резерви е одраз на поволните движења на девизниот пазар и интервенциите на Народната банка со откуп на девизи, коишто се одвиваа и во текот на третото тримесечје, се посочува во Извештајот на Народната банка за управување и инвестирање на девизните резерви во вториот квартал годинава.
Управувањето со девизните резерви, укажува централната банка, беше во согласност со нивната основна намена при спроведувањето на монетарната политика, поддршката на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и одржувањето на тековната ликвидност за редовно извршување на обврските на државата кон странство.
Во пораст се најзастапените вложувања во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната со највисок кредитен рејтинг, меѓу кои и зелените државни обврзници, во склад со заложбата за одржливо инвестирање.
Најголемиот дел од девизните резерви на крајот од јуни се распределени во хартии од вредност (60,1 процент), по што следуваат валутите и депозитите (28,8 порценти) и монетарното злато со 11,1 проценти.
Девизните резерви во земјите од еврозоната и натаму имаат највисока застапеност во географската распределба на девизните резерви, а од аспект на валутната структура преовладуваат пласманите во евра, во согласност со примената на монетарната стратегија на целење на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото.