Возење под дејство на алкохол и наркотици, возење со брзина повеќе од дозволената, трки со автомобили и мотори, возење во спротивна летна и на едно тркало. Со еден збор, дивеење по скопските улици. Ова е сликата што може да се види во последните неколку години, во Скопје и што однесе многу жртви и уништи безброј семејства. Но, она што е позастрашувачко е фактот дека зад воланите многу често управуваат млади лица што штотуку положиле или треба да положат, млади без возачки дозволи, па дури и малолетници.

Периодов, целата јавност е потресена по последниот случај на сообраќајна несреќа на улицата „Партизански одреди“, спроти Универзална сала, каде што животот го загуби младата дизајнерка Фросина Кулакова, а лицето што ја прегази е 20-годишниот Васил Јованов, кој не само што возел со брзина повеќе од дозволената туку и го управувал возилото под дејство на алкохол и без возачка дозвола.

Сепак, Фросина не е единствената жртва на возачите без контрола над воланот. По нејзиниот случај, јавноста се сети на уште една Фросина. Фросина Цветковска, која, исто така, беше удрена од лице во кое беа пронајдени промили алкохол и кое возело со голема брзина. Пред три години, загина Викторија Николова, кој беше прегазена од шофер што возел во границите над дозволеното.

И додека младите лица што штотуку го направиле првиот чекор во светот на возрасните, а веќе прават хаос по улиците и дивеат со своите возила, тинејџерите го пустошат градот. Минатата година беа забележани група деца како кршат и уништуваат детско игралиште, други, пак, организираа масовни тепачки во центарот на градот, а имаше и случај на врсничко насилство, каде што се навиваше и кој беше снимен со мобилни телефони и прикачен на Интернет.

Една средношколка посочува дека за некои млади, дивеењето е единствениот начин за изразување, бидејќи не можат да го искажат револтот со зборови. За весникот ВЕЧЕР, тоа го потврдува социологот и универзитетски професор д-р Илија Ацевски.

– Тоа е нивниот револт. Можеме да кажеме дека го прават тоа несвесно и тоа е одговорот на прашањето зошто се случува ова. Сево ова што се случува има поголема причина зошто се случува – вели Ацевски.

Тој истакна и дека не треба да се обвинуваат младите, бидејќи урбаната мафија е таа што го претвори Скопје во ваков град.

– Не обвинувајте ги младите. Тоа е нивниот рефлекс на сево ова што го гледаат. Урбаната мафија го пустоши Скопје. Скопје е пропаднат град. Не е за пешаци, не е за возачи, не е за туристи, ниту, пак, за велосипедисти – додава Ацевски.

Според него, ова однесување на младите е типично девијантно однесување, а тоа што и тинејџерите, кои се на таа возраст, ѝ се познати и на полицијата и, според нив, тоа не е нормално.

За претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, вандализмот е аларм што треба да се спречи навреме.

– На последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, едногласно ја прифативме иницијативата на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, за воведување општокорисна работа за малолетните сторители на вандализам и официјално ја доставуваме до Владата. Вандализмот и уништувањето на урбаната опрема, јавните површини и јавните добра се проблем што бара системско решение – изјави Ѓорѓиевски.

Во предлогот до Владата се наведува да се формира стручна работна група составена од претставници од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и од невладините организации.

– Оваа работна група ќе има задача да подготви дополнување и измена на повеќе закони. Конкретно, иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка што ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците. Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување санкции за да се обезбеди правна рамка што ќе ја вклучи и одговорноста на родителите, преку можност за заедничка општокорисна работа – додава Ѓорѓиевски.

Според него, со оваа иницијатива не се сака само да се санкционира туку и се превенира.

– Важно е да ја подигнеме свеста кај младите, да ги едуцираме за значењето на јавните добра и да создадеме механизми за нивна ресоцијализација. Општокорисната работа има двоен ефект: од една страна, им помага на младите да стекнат чувство на одговорност и почит кон заедницата, а од друга, спречува повторување на ваквите негативни појави. Секој чин на вандализам е аларм што мора да се сфати сериозно. Дури и едно спречено насилство или уништување јавен простор значи создавање побезбедна и поуредена заедница за сите граѓани. Затоа очекуваме Владата и сите надлежни институции да ја поддржат оваа иницијатива. Нашата цел е заеднички да изградиме правна рамка што ќе донесе вистински промени и ќе им помогне на младите да станат одговорни граѓани – вели Ѓорѓиевски.

(С.Би.)

 

ИЗДВОЕНИ