Заради нормално функционирање и снабдување со електрична енергија, јавните комунални претпријатија бараат да склучуваат договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ, по цена по која ЕСМ Продажба ДООЕЛ, Скопје, jа продава на универзалниот снабдувач со електрична енергија, која служи за снабдување на населението односно домаќинствата и малите потрошувачи.
– Доколку не се преземат соодветни мерки може да се очекува нередовно водоснабдување на населението и пречистување на отпадните води, што во крајна линија ќе го загрози здравјето на населението во целата држава и ќе предизвика несогледливи еколошки проблеми – стои во соопштението од АДКОМ
Деведесет jавни комунални претпријатија, преку АДКОМ – здружение за даватели на комунални услуги со дописи до Владата, Регулаторната комисија за водни услуги и услуги за управување со отпад и Министерство за енергетика упатиле барање за повластена цена на електричната енергија за нив.
Јавните комунални претпријатија сметаат дека во интерес на нивната ликвидност, а со тоа и во интерес на граѓаните е да плаќаат струја по единствена цена за киловат-час.
– Заради нормално функционирање и снабдување со електрична енергија бараме JКП да склучуваат договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ по цена по која ЕСМ Продажба ДООЕЛ, Скопје, jа продава на универзалниот снабдувач со електрична енергија, која служи за снабдување на населението односно домаќинствата и малите потрошувачи – се наведува во соопштението од АДКОМ.
АДКОМ и 90 јавни комунални претпријатија очекуваат и апелираат надлежните да ја разберат неопходноста и итноста на носење на ваква одлука, која, напомнуваат, е од интерес на сите.
– Енергетската криза во 2022 година предизвика хаос, отежнување на работата и затворање на многу претпријатија. Jавните комунални претпријатија и покрај сите тешкотии и загуби кои беа направени во тој период па се до денес, остануваат да работат во интерес на граѓаните. До кога, не се знае. Финансиската импликација на енормно високата цена на електричната енергија е застрашувачка во однос на тековното работење на претпријатијата – се потенцира во соопштението.
Во него се додава дека помалку од 10% од струјата што ја трошат претпријатијата отпаѓа на административни објекти, а повеќе од 90% од потрошената електрична енергија го опфаќа работењето на пумпните станици за питка вода, атмосферските и фекалните пумпни станици и на пречистителните станици за отпадни води.
Се истакнува дека според податоците од официјални државни извори, јавните комунални претпријатија на годишно ниво трошат до 50 GWh електрична енергија, што е само 1% од производството од домашни извори кое изнесува минимум 5.000 GWh на годишно ниво.
– Доколку не се преземат соодветни мерки може да се очекува нередовно водоснабдување на населението и пречистување на отпадните води, што во крајна линија ќе го загрози здравјето на населението во целата држава и ќе предизвика несогледливи еколошки проблеми – стои во соопштението од АДКОМ.