Детскиот музички фестивал „Поточиња“ викендов го одржа своето 22. издание, и овој пат исполнувајќи ги детските срца со радост и возбуда, но и со нови, досега неслушнати звуци на песните на кои од срце им се израдуваа и кои веднаш со големо задоволство беа прифатени. Во Македонската филхармонија во два дена, поточно на 12 и 13 април, беа одржани шест претстави, по три на ден, а салата беше исполнета до последно место. Присутните деца, пак, со нетрпение го дочекаа почетокот на програмата, а голема радост предизвика кај нив и маскотата Поки (актерот Мартин Јорданоски), кој како водител веднаш ги крена на нозе и ги воведе во програмата која започна со  песната „Дајте сите рачиња”. Она што особено остави впечаток на сите посетители е хуманиот чин на фестивалот кој годинашниот приход од претставите ќе го донира за настраданите во Кочани.

„И годинава сите претстави беа целосно распродадени, фестивалот помина одлично, со многу деца, задоволни од новите песни што ги слушнаа, од целиот фестивалски концепт. Фестивалот имаше и хуманитарен карактер, целата дискографија што ја поседуваме беше поставена во фоајето и сите што донираа добиваа диск од изданијата на фестивалот „Поточиња“. Целиот приход од продадените дискови во наредните денови преку фондацијата ИКРАУД ќе ја донираме за настраданите во Кочани, а ќе издвоиме и дел од обезбедените средства од продадените билети. Тоа би се реализирало во неделата после Велигден“, истакна Оливер Пап, извршен продуцент на детскиот фестивал „Поточиња“, композитор и текстописец.

Инаку, во рамките на програмата беа изведени 17 песни и тие веќе во дигитална форма, преку платформата Јутјуб, се достапни за публиката да може да ги слуша.

„Можевме да видиме дека иако песните беа нови, децата во публика одлично ги прифатија. Актерот Мартин Јордановски ги водеше децата низ целата фестивалска приказна на маестрален начин. Сите песнички децата можеа да ги следат на видеоанимации на големиот лед екран на кои беше испишан и текстот на секоја песна. Генерално сме задоволни, бидејќи како фестивал имаме концепт и стандардна содржина, но уфрлуваме нови песни и нови моменти. Се надевам дека децата беа задоволни од песните“, додава Пап.

Инаку, песните ги пееја децата, членови на хорот „Поточиња“, кои беа избрани, да бидат изведувачи на песните, по пат на аудиција во септември лани, кога и започнаа подготовките за годинешново издание на фестивалот.

Пап додаде дека и годинава имаше огромен интерес за учество на децата во хорот „Поточиња“ како и во самиот фестивал. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ