Дете во градинка без врски како седмица на лото!

Ревизорите утврдиле дека 67% од градинките го надминуваат капацитетот

320

Близу 4.900 деца чекаат да се запишат во градинка, родителите сметаат дека бројката е многу поголема бидејќи за една група од 30 деца има стотици апликации. Државниот завод за ревизија нотира дека 67% од градинките го надминуваат пропишаниот капацитет и згрижуваат повеќе деца. Властите најавуваат нови или доградба на градинки со што двојно би се намалил бројот на чекање

Феномен е во државата да запишеш дете во градинка без протекции, речиси секое семејство мака мачи да најде „канали“ да го стави детето на листата, која од година во година се зголемува, иако објектите го немаат капацитетот за згрижување на повеќе од триесетина деца во група.

-Моето дете го запишав преку врски, но не во најблиската градинка туку неколку километри подалеку бидејќи таму имавме познаничка, вели скопјанка која и за двете деца морала да наоѓа пријатели да ургираат кај нивни пријатели и тоа уште додека биле новороденчиња. Други родители, пак, кој не успеале да ги запишат децата во државните градинки каде што месечната претплата чини околу 1.500 денари, се принудени да ги носат во приватните градинки, каде што пак услугата за згрижување на дете чини 12 пати повеќе или околу 300 евра месечно. Сепак, не сите семејства се финансиски моќни да одвојуваат 18.000 денари за приватна градинка, па решение бараат во комбинации на чување од баби и дедовци.

Родителите со кои разговараше весникот ВЕЧЕР се задоволни од негата и воспитување на кадарот, но сепак забележуваат на тесните занимални.

Дека има слабости во планирањето и недостиг на соодветни услови за зголемениот опфат на деца од година во година, констатирал и Државниот завод за ревизија во својот последен извештај за Јавните инвестиции за обезбедување капацитети и услови за детска заштита во детските градинки. Според податоците на Државниот завод за статистика, само 29% од вкупниот број деца во земјава имаат привилегија да одат во градинка. Висока е бројката на деца кои се на листата за чекање, дури 4.851 дете, а повеќе од 75 илјади не одат во предучилишна установа.

-Во мај 2024 година, во 67% од градинките бил надминат капацитетот на сместување. Реалноста е дека значителен број градинки работат со двојно поголем број деца од нивниот предвиден капацитет, стои во заклучокот на ДЗР

Според ревизорите, од буџетот се финансираат двојно помалку градинки како капитални инвестиции во споредба од тие што се градат од заемот од Светска банка. Градбата оди бавно, а дел на тие што се готови не можат да се стават во функција, меѓу останатото и поради невработување на кадар. На пример, изградбата на детската градинка во Општина Чаир, со капацитет од 350 деца, започната во 2020 година,  сè уште не е завршена, причините биле промена на изведувачи и непредвидени градежни работи, забележува ревизорот.

Од Министерството за социјална политика демографија и млади неодамна изјавија дека до септември годинава ќе се градат нови градинки, ќе се доградуваат постоечките објекти и ќе се пренаменуваат стари, со што ќе се намалела листата на чекање за 55%. Според надлежните најмногу недостиг од градинки има во општините Аеродром, Ѓорче Петров и Кисела Вода.

Родители од општината Ѓорче Петров велат дека во скоро време не гледаат оти проблемот со запишувањето во градинка ќе се реши бидејќи има стотици апликации за група која згрижува од 30 до 35 деца. Дополнително загрижува и недостигот од кадар, па за поголемите групи се грижат една негувателка и една воспитувачка. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ