– Во поголемите општини веќе се спроведуваат детални контроли на објектите, документацијата на објектите и почитувањето на сите безбедносни стандарди. Се внимава дали објектите имаат исправна противпожарна опрема и функционални противпожарни хидранти, дали електричните инсталации се безбедни и соодветно одржувани, постојат ли јасно обележани и функционални евакуациони патеки и планови, како и дали се поседуваат сите потребни документи и безбедносни елаборати. Ќе има нулта толеранција за евентуалните неправилности. Ќе се преземаат решителни мерки согласно со надлежностите на локалната самоуправа, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и ги повика граѓаните ако забележат небезбедни услови да ги пријават
Во сите општини во државата се започнати вонредни инспекциски контроли во сите објекти од јавен карактер, како станбени згради, училишта, градинки, спортски сали, културни домови, но и сите угостителски објекти и други места каде што секојдневно се собираат луѓе, најави претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој истакна дека особен акцент е ставен на објектите во кои престојуваат деца и млади.
Ѓорѓиевски посочи дека ЗЕЛС ја презема улогата на координатор на сите активности на локално ниво, за меѓусебна помош и споделување на ресурсите и знаењата и истакна дека денеска ќе се одржи седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која се поканети градоначалници на поголемите општи во државата, а ќе се направи детален пресек за состојбата во општините.
– Во поголемите општини веќе се спроведуваат детални контроли на објектите, документацијата на објектите и почитувањето на сите безбедносни стандарди. Се внимава дали објектите имаат исправна противпожарна опрема и функционални противпожарни хидранти, дали електричните инсталации се безбедни и соодветно одржувани, постојат ли јасно обележани и функционални евакуациони патеки и планови, како и дали се поседуваат сите потребни документи и безбедносни елаборати. Ќе има нулта толеранција за евентуалните неправилности. Ќе се преземаат решителни мерки согласно со надлежностите на локалната самоуправа – рече Ѓорѓиевски и ги повика граѓаните ако забележат небезбедни услови да ги пријават.
Тој истакна дека во Кисела Вода се извршени проверки во сите градинки, училишта, спортски сали и Домот на културата и нема утврдено аномалии, односно сè е исправно.
– Во строга контрола влегуваме и во станбените згради, каде што треба да има соодветна хидрантска мрежа, скали за пожар и да ги исполнуваат основните елементарни услови. Во Кисела Вода изминатата недела се проверени околу 40 згради, постарите згради кои се градени после земјотресот, таму не се исполнуваат стандардите. Таму ќе треба да се остави простор куќните совети да си преземат дејствија, ако не ќе си преземеме активност и ќе ги казниме истите. Ние мора да воспоставиме систем и ред во оваа држава – рече Ѓорѓиевски.
Предизвик, според него, претставува недоволниот број инспекциски служби, особено во помалите општини.
– Во Општина Кисела Вода имало двајца инспектори за домување, а во многу од општини нема, немаат градежни инспекции, комунални инспектори. Тоа ќе мора заеднички да го решаваме во наредниот период ќе се спроведе меѓуопштинска соработка. Инспекциските капацитети сега ќе се стават на располагање таму каде што има потреба за да може секоја општина темелно да ги провери сите објекти на својата територија – нагласи Ѓорѓиевски.
И другите скопски општини продолжуваат со инспекциските контроли на угостителските објекти, но и на функционалноста на хидрантите, противпожарните апарати во зградите. Инспекциските служби на Општина Аеродром во текот минатата недела извршиле контроли на околу 100 угостителски објекти кои работат на територијата на општината.
-Во тек е обработка на податоците што се собрани од терен и се изготвува анализа за состојбата со исполнувањето на законските одредби и подготвеноста на објектите за вршење на угостителска дејност. Исто така, Општина Аеродром веќе изготви план за контрола на хидрантските мрежи во станбените згради, за пристапите, како и за излезите од објектите за колективно домување и од денеска, во соработка со куќните совети и со управителите на станбените објекти, ќе започне инспекција за состојбата на хидрантите и противпожарните апарати во зградите – известуваат од локалната самоуправа.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, во вторникот, испрати барање до сите основни училишта и детски градинки, при што во најкус можен рок треба да достават одговори за состојбата со хидрантските мрежи во објектите, како и за ажурирањето на апаратите за гаснење пожар. Исто така, потребно е да достават и елаборати за противпожарна заштита, како и планови за евакуација.
Од Општина Центар пак информираат дека по барање на градоначалникот Горан Герасимовски бил одржан итен состанок на Штабот за заштита и спасување на Општина Центар, на кој освен членовите на Штабот присуствувале инспекциските служби на општината и командирот на ПС – Беко, Игор Стаменковски.
– Главна тема беше разгледување на безбедносната состојба во општината и предлагање мерки за подобрување на сигурноста и заштитата на граѓаните. Беа утврдени потенцијални ризици и предложени конкретни мерки за зголемување на безбедноста, како и анализа на угостителските објекти – дискутирани беа мерки за подобрување на безбедноста и усогласување со прописите. Исто така се разговараше и за функционалноста на хидрантната мрежа во станбените и деловните објекти, секако и за мерките за подобрување на безбедноста на училиштата и градинките – информира Герасимовски.
Тој додаде дека првиот состанок го одржале со директорите на сите општински основни училишта, затоа што, како што истакна безбедноста на децата е најважна.
– Сите училишта и градинки имаат изработено План за заштита и спасување, Процена на загрозеност на институцијата и за истите имаат добиено позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, што потврдуваме дека имаме темелна основа за континуирана превенција и обезбедување на безбедна средина за нашите деца – потенцираат од Општина Центар.
Воедно, инспекторот за домување добил насоки и задолженија во текот на неделава да закаже состанок со управителите на станбени, станбено-деловни и деловно-станбени згради како и со регистрираните заедници на сопственици, во врска со почитувањето на пропишаните норми и стандарди за домување, особено во делот за заштита и спасување (хидранти, пп-апарати, лифт, фасада итн.)
Дополнително, во текот на неделава ќе биде закажан состанок со Подрачното одделение за заштита и спасување – Центар, во однос на заедничка акција односно заедничко постапување на службите.
Од Општина Центар ги потсетуваат сите угостителски објекти на нивната обврска за преземање на неопходни безбедносни мерки и ги информираат дека инспекциската служба на општината ќе продолжи со спроведување на засилени инспекциски контроли.
-За таа цел, потребно е управителите на угостителските објекти да извршат безбедносни проверки и да ја подготват потребната документација што вклучува заверени нормативи за храна и пијалаци, одобрение за поставување урбана опрема, како и елаборати за поставување урбана опрема, за заштита на животна средина и за заштита од пожари, но и доказ за нивно спроведување на лице место. Оваа документација треба да биде достапна во објектот, а лицата што управуваат или работат во него треба да ја приложат на увид на инспекторите. За потребите на инспекциската постапка, документите треба да бидат во фотокопија (оригиналите ќе бидат само на увид).
Доколку инспекторите утврдат неправилности, ќе биде издадено Решение за отстранување на недостатоците, кое треба да се реализира во рок од осум дена.
Општинските инспекции на Битола направија вонредни контроли во градинските и училиштата, а проширени инспекциски надзори опфаќаат проверка на влезовите, ПП апаратите, потребната документација итн.
Од општинскиот инспекторат, преку инспекторот за домување на терен, во координација со станбените сервиси и жителите на зградите, ќе се врши контролирање на ПП апаратите во зградите, нивната исправност и хидрантската мрежа. Од управителите на зградите и станбените сервиси, ќе биде побарано да достават информации за тоа дали зградата има хидрантска мрежа, дали хидрантите имаат црева за вода, колку од зградите поседуваат ПП апарати и дали има лица кои што знаат со нив да ракуваат. Онаму каде што е потребно, општинскиот инспекторат ќе ги задолжи субјектите да постапат согласно законските прописи.
Општинскиот инспекторат, во координација со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола, ќе спроведат проширена контрола и на битолските локали и кафе барови, кои во најголем дел се лоцирани на Широк Сокак, во битолската чаршија, во Новиот пазар итн.
Контролите ќе опфаќаат проверка на потребната документација, согласно Законот за угостителска дејност. Општинскиот инспекторат на терен редовно врши контрола на битолските локали и околу дозволите за поставување на урбаната опрема пред локалите.
(С.Бл. – А.П.)