Џин Хекман во тестамент и го оставил своето богатство од речиси 90 милиони долари на сопругата Бетси Аракава, но сѐ уште не е познато дали и колку пари ќе добијат неговите три деца од првиот брак.
Веста за смртта на 95-годишниот актер Џин Хекман и неговата 65-годишна сопруга Бетси Аракава ја изненади јавноста, особено што многумина не знаеја дека двократниот оскаровец боледува од напредната форма на Алцхајмерова болест.
Уште поизненадувачки беше фактот дека богатството на Џин Хекман се проценува на речиси 90 милиони долари.
Сега се појави и тестаментот на Хекман, според кој тој и го оставил своето богатство на сопругата Аракава. Ја назначил за извршител на тестаментот.
Неизвесно е дали неговите три деца: синот Кристофер Ален (65) и ќерките Лесли Ен (58) и Елизабет Џин (62) биле именувани во тестаментот – не само затоа што ги имал од претходниот брак со Феј Малтезе, туку и затоа што не биле во блиски односи.
Наводно, легендарниот актер некогаш бил многу отуѓен од своите деца, што ја прави помала веројатноста дека воопшто ги спомнал во тестаментот.
Многумина веруваат дека за тоа се виновни неговата холивудска кариера и разводот, а неговиот внук Тим Хекман даде делумно објаснување.
„Мислам дека вујко ми не знаеше да биде татко. Тој ги сакаше своите деца, но никогаш не ги покажуваше. Тој беше отсутен татко и за жал го плати тоа на крајот од својот живот“.
Зборувајќи за Дејли Мејл, експерт за семејно право рече:
„Да умреше прво тој, а Аракава да преживееше, тоа ќе беше „трета светска војна“. Неговите деца веројатно ќе полудеа“.
Се појави и тестаментот на Аракава, според кој таа го оставила целиот свој имот на хуманитарни организации и било предвидено сите нејзини пари да одат во хуманитарни цели и да ги плати медицинските долгови.
Хекман, кој боледувал од Алцхајмерова болест, наводно го потпишал најновиот примерок од својот тестамент на 7 јуни 2005 година.
Иако не е јасно како ќе се поделат имотот и богатството, јасно е само дека семејството на Бетси Аракава е исклучено од можноста да наследи било што, бидејќи според мексиканските закони, со наследството се занимава брачниот другар, а како што е познато, Аракава починала прва.
Во исто време, адвокатката Џулија Питерс беше назначена за извршител на последната волја и на Џин Хекман и на Бетси Аракава.
Да потсетиме, како во сценарио достојно за еден од најголемите холивудски трилери, безживотните тела на Џин Хекман и Бетси Аракава беа пронајдени во нивниот дом на 26 февруари во Санат Фе, Ново Мексико.
Според најновите детали објавени од официјалните лица на Санта Фе, Аракава починала на 11 февруари од редок вирус кој се пренесувал преку измет на глувци, додека Хекман починал од срцева болест на 18 февруари.