Пејачката Тејлор Свифт неодамна беше спомната во тужбата што актерот Џастин Балдони ја поднесе против актерката Блејк Лајвли, а поради тоа, како што изјавија извори за „Пејџ сикс“, „се чувствува искористено“ од својата пријателка.
Изворот откри дека на пејачката не ѝ се допаднало тоа што Лајвли ја нарекла „еден од своите змејови“ во наводните пораки што Балдони ги открил во својата тужба. Иако во пораките не се спомнати нивните имиња, многумина веруваат дека тие се однесуваат на Свифт и на актерот Рајан Рејнолдс, сопругот на Лајвли.
„Ако некогаш гледаш ‘Игра на тронови’, ќе ти биде драго што јас сум Калиси и, исто како неа, и јас имам неколку змејови. Во добро и во лошо, но обично во добро. Бидејќи моите змејови ги штитат и оние за кои се борам. Така што, сите имаме корист од моите прекрасни чудовишта. И ти ќе имаш, ти ветувам“, напишала таа.
Балдони алудирал на тоа дека Лајвли мислела на Свифт кога зборувале за нејзините измени во сценариото.
„Навистина ми се допаѓа што направи. Многу ми помага. Го направи сценариото поинтересно. (Ќе се чувствував така и без Рајан и Тејлор)“, ѝ напишал тој.
Извор сега тврди дека Свифт би сакала Лајвли да не ја „вовлекла во целата ситуација“.
„Свифт и Лајвли се пријателки со години, и Тејлор ги цени искрените пријателства, но не може а да не се чувствува искористено“, додал изворот и потенцирал пејачката сака „да се држи што подалеку од оваа драма“.
Да потсетиме, Тејлор Свифт и Блејк Лајвли се пријателки веќе десет години, а се спријателиле откако актерката споделила фотографија од кампања на познат бренд, која се однесувала на музичкиот видеозапис на Свифт за песната „Bad Blood“. Со тоа го привлекла вниманието на пејачката и брзо станале најдобри пријателки.
Со години јавно се поддржуваат една со друга во различни проекти, но Свифт сè уште не се огласила во врска со конфликтот меѓу Лајвли и Балдони, кои заедно глумеа во филмот „Ова завршува со нас“ („It Ends With Us“).