Вистински инвестициски бум и реализација на голем број капитални проекти, за што се предвидени 615 милиони денари (10 милиони евра), се очекуваат во Општина Ѓорче Петров, откако на денешната седница Советот едногласно ги усвои измените и новите развојни програми.
Од Општина Ѓорче Петров информираат дека се предвидува: изградба на три нови градинки во населбите Дексион, Александрија и Ново Село и дека веќе е започнато со градба на нова градинка во Стопански Двор. Исто така, ќе биде изработен основен проект за изградба на ново општинско училиште во населбата Александрија, а ќе се реконструираат и надградат основните училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково и „Страшо Пинџур“ во Даме Груев. Воедно, започната е изградбата на училишна спортска сала во подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев- Беровски“ во населбата Хром, а е предвидена и реконструкција на спортската сала „Христо Батанџиев“ во Ново Село. Ќе се гради и спортски комплекс во УПС Ново Село, до новата градинка во Стопански Двор, потоа нов екопарк до спортскиот комплекс „Македонски лавови“. Меѓу капиталните проекти се и реконструкцијата и доградбата на Домот на културата „Ѓорче Петров“, а целосната реконструкција на улицата „Радушка“ е во завршна фаза.
– Се гради и нова пешачка патека со осветлување од ООУ „Јоаким Крчовски“ во Волково до селото Орман, во должина од 18.00 метри. Предвидени се и изградба на нова монтажна катна гаража во реонскиот центар на Општина Ѓорче Петров, изградба и реконструкција на улици во урбаниот и во руралниот дел на Општината – во вкупна вредност од 140 милиони денари, изградба на водоводни мрежи во вкупна вредност од 10.780.000 денари, како и изградба на канализациски мрежи во вредност од 15 милиони денари – потенцираат од Општина Ѓорче Петров.
Оттаму додаваат дека со овие капитални проекти ќе се подобри животот на сите граѓани во Општината, ќе се овозможи урбан развој и ќе решат голем број проблеми и потреби на жителите.