Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција објави дека истрагата за пожарот во кочанската дискотека се проширува за уште нови седуммина полицајци, а тројца веќе биле опфатени од претходно. Сите работеле во ПС Кочани и СВР Штип. Според информациите на истрагата најголем дел од новопријавените се пензионирани полицајци кои работеле како началници, инспектори и еден командир. Полицајците биле приведени во полициска станица во Скопје, а надлежниот јавен обвинител на судот му предложи да им изрече мерки на претпазливост, односно да се пријавуваат во судот и да им биде одземен пасошот. Сите се осомничени за постапки во доделување на сообраќајни мислења за дискотеката Пулс во минатото, за период од 2012 до 2022 и се товарат за сторување на кривичното дело Тешки дела против општата сигурност.
-Според описот содржан во наредбата за спроведување истражна постапка, осомничените како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, во погоренаведениот временски период, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „ПУЛС“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови, стои во соопштението на ОЈОГОКК
Голем дел од одобренијата биле барани само за објект, а не за кабаре или ноќен клуб. Весникот Вечер неодамна објави дека според регистарот на издадени лиценци за угостителски објекти достапен на Интернет, во 2021 година, кабарето „Пулс“ било регистрирано дека постои на адреса „Штипски пат“ бб, место на кое, според мапата, место диско, се наоѓа друг објект – конфекција. Дискотеката вистински се наоѓа на неколку метри подолу, кон влезот на Кочани, односно на „Крижевска“, зад хотелот, обиколена со куќи и со автомеханичарски работилници, без паркинг и никаков пристап.
Во кривичната пријава поднесена до ОЈОГОКК од страна на МВР стои дека првопријавениот на 7.12.2012 потпишал согласност дека кабаре „Пулс“ поседува елаборат за заштита од пожари и опасни и експлозивни материи и ги исполнува законските услови во делот на сообраќај со што дискотеката добила лиценца за работа. Останатите му „замижувале“ за јавниот ред и мир, иако знаеле и интервенирале по пријави сепак давале лажна слика и „Пулс“ со години добивал дозвола преку Министерството за економија.
-Пријавените како службени лица овозможиле правното лице ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да се стекне со лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре „Пулс“ во Кочани на начин што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето на место каде што се собираат поголем број луѓе, при што на 16.3.2025 во кабаре „Пулс“ настанат е пожар, во кој животот го загубија 61 лице, стои во пријавата на МВР.
Три дена по трагедијата во Кочани, односно на 19 март, беа приведени и им беше одреден притвор на седуммина поранешни високи полициски службеници од СВР Штип и ПС Кочани.
Новото приведување на полициски службеници го најави во вторникот државниот обвинител Љупчо Коцевски, на интервју на ТВ Телма, по што неколку интернет портали го обвинија дека со објавување на информацијата ја компромитирал истрагата. Дел од медиумите наведуваа и дека Министерството за внатрешни работи сè уште трага по еден од седумте полициските службеници. Сепак, кусо потоа МВР ги демантираше ваквите објави, дека обвинителот ја загрозил акцијата и оти се постапувало по насоки на ЈО. Од ОЈОГОКК велат дека истрагата сè уште трае и се испитува одговорност и кај други инволвирани.
Викендов истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани беше проширена за уште 19 лица кои, како и претходните, се осомничени за тешки дела против општата сигурност. Приведени беа поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, кадри на ДУИ, како и актуелниот министер без ресор и ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу. Меѓу уапсените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН. Во истрагата досега се опфатени 52 лица и три фирми. (П.А.)