„Денови на македонски кореографи” со пет претстави и изложба – oд 22 до 25 април на Малата сцена во НОБ

38

Во Националната опера и балет од 22 до 25 април на Mалата сцена ќе се одржат „Денови на македонски кореографи”, во чии рамки ќе бидат изведени пет претстави и една изложба. Отворањето на 22 април е со две претстави „Мокументари“ од Андријана Данчевска и „Ехо на баронот“ од Дејан Битровски. Втората вечер (23 април) е претставата „Болеро“ на Саша Ефтимова, а во фоајето на Националната опера и балет ќе биде прикажана изложбата на слики „Вечни тела“ од Искра Шукарова.

На 24 април е претставата „Д како Дездемона“ од кореографката Рисима Рисимкин, додека на затворањето на 25 април ќе биде изведена претставата „Патување“ од турскиот кореограф Чан Арслан. Оваа претстава е подготвувана во НОБ со македонски балетски уметници, а својата премиера ја имаше неодамна во Анкара.

Марија Кичевска Шокаровска, уметнички раководител на Балетот посочи дека настанот е по повод 20 години јубилеј од првата претстава на Мала сцена, „Јас, Исидора“ од Олга Панго. Според неа идејата и целта на Мала сцена е да се развиваат нови креативни кадри од македонски кореографи.

Саша Евтимова, кореограф и организатор на „Денови на македонски кореографи”, пак, истакна дека „Денови на македонски кореографи” е значајна и за младите кореографи коишто се развиваат и им треба простор за развивање и на етаблираните кореографи кои своите почетоци ги направиле на Малата сцена.

Кореографката Рисима Рисимки посочи дека „Скопје танцовиот театар“ на „Денови на македонски кореографи” ќе се претстави со три премиери – „Мокументари“ од Андријана Данчевска, „Ехо на баронот“ од Дејан Битровски и нејзината „Д како Дездемона“.

Искра Шукарова, кореограф и автор на изложбата „Вечни тела“ информира дека нејзината изложба била изведена во Културно – информативниот центар и инспирирана била од телото на изведувачот.

Киро Павлов, менаџер на операта и балетот најави дека ќе продолжат и понатаму со оваа иницијатива.

„Во јуни, јули, па и од септември на Малата сцена ќе се даваат претстави континуирано, како и на Големата сцена. Се надевам дека до декември ќе имаме можност да го обновиме светлосниот парк, а во 2026 да доминира на едно европско ниво, бидејќи тоа го заслужува оваа куќа и оваа држава“, рече Павлов.

ИЗДВОЕНИ