Денеска заврши јавниот повик за новогодишниот базар

45

Само една недела пред Нова Година ќе бидат објавени резултатите од јавниот повик за доделување финансиски средства за „Новогодишниот базар“, кој заврши денеска.

Дури на 21 декември ќе има информација кој ќе добие можност да ги претстави своите производи на новогодишниот базар на плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде што веќе се поставени препознатливите куќарки.

Град Скопје соопшти дека денеска завршил јавниот повик за доделување финансиски средства за реализација на настанот „Новогодишен базар“.

Многумина се прашуваат зошто е објавен повикот толку доцна, односно еден месец пред Нова година, што ги доведува апликантите во неповолна позиција за навремена подготовка.

Јавниот повик, објавен како дел од Програмата за активности од областа на локалниот економски развој за 2024 година, е наменет за здруженијата, фондациите, маркетинг-агенциите и трговските друштва со седиште во Скопје. Сепак, покрај барањето за проектни предлози и финансиски планови, во повикот недостигаат подетални насоки за тоа каква финансиска поддршка ќе добијат избраните апликанти.