Денеска во Основниот суд во своја одбрана ќе сведочи првообвинетиот за двојното убиство на Вања и Панче, Љупчо Палевски. Тој е последен од обвинетите кој ќе одговара на прашањата од неговиот бранител Јовица Страшевски, обвинителкатата Жаклина Јосифовска Крстевска, неговите компањони од партијата Десна и на крај судијата Ивица Стефановски. Од она што до сега го видовме и слушнавме, а во корист на обвинението беше снимката од камерите на Безбеден Град, на која се гледа како Палевски на денот на убиството на девојчето, седи на возачкото седиште во рено кангуто, во сопственост на партијата.
„На снимка од камери на „Сејф сити“ на крстосницата меѓу бул. „ Христијан Тодоровски Карпош“ и ул. „Ферид Бајрам“ во возилото се забележуваат две лица на возачко и совозачко седиште. Може да се забележи дека возилото го управува Љупчо Палевски, а на совозачкото седиште седи обвинетиот Велибор Манев кој носи џемпер, објасни на презентацијата на снимките како доказ обвинителката Крстевска.
Уште една снимка е во прилог на обвинението, а тоа е снимката од камерите поставени на куќата на Велибор Манев, прибавена како доказ подоцна во постапката. На снимките се гледа како обвинетите ноќтта пред грабнувањето на Жежовски и изутрината на денот, се договараат, испробувајќи ги моторолите со кои комуницирале додека ги вршеле кривичните дела. Палевски не ги признаваше снимките, тврдеше дека собиранката била месеци претходно кога се вратиле од копање на злато од Демир Капија, кога полицијата од Неготино го апси и му го одзема пиштолот што легално го поседувал. Веднаш по презентирање на снимките од камерите на куќата, сведочеше токму Велибор и призна дека заедно со обвинетите, изземајќи го таткото Александар Ѓорчевски, ги планирале и направиле киднапирањата, а Палевски , од за него непознати мотиви ги ликвидира жртвите.
„Палчо ја следеше и сликаше жената која требаше да ја киднапираме и за неа да бараме откуп„ тврдеше Манев дека Вања Ѓорчевска била грешка. Единствено Манев во своето сведочење кажа дека требало да се грабне жена на градежен директор или ќерка на некој богат фармацевт што живееле во зградата. Негови траги беа пронајдени на лепливата лента на устата на Вања. Од досега слушнатото во судницата, се заклучува дека Палевски денеска најверојатно прстот ќе го впери во Велибор Манев, кој пак ги објаснуваше настаните многу смирено, јасно и хронолошки.
И признанието на Влатко Кешишев кој го гледа со стравопочит „царот“ како што му бил мемориран во телефонскиот именик, фрла сомнеж на мотивот на Палевски. Кешишев кажа дека денови пред настаните од Бит пазар,Палевски купил нови лопати и дурија, а видел дека дупката за Вања ја копале пред таа да биде ладнокрвно убиена.
И на крај, случајно или не сведокот Гоце Трајковски син на познатата скопска бизнисменка Кираца, вчера се појавува на интервју во емисијата „Во Центар“ и тврди дека инспекторите Музафер Каришиќ и Дејан Димовски на 29 -11-2023 денови пред да избега го распрашувале за Љупчо Палевски. Нејасно е како Трајковски дава интрвју кога треба да биде во притвор за палење на кафе бар во Кисела Вода? Неговото сведочење се одложуваше бидејќи беше во бегство, па сам се предаде во полиција. Нејасно е и неговото влегување на истрагата ако се познато дека децении поминале од последното видување со кумашинот Александар. Имал човек во „Безбеден Град“, имал роднина на бензиската во Велес каде Панче точел бензин, и успева да го поврзе цитроенот со грабнувањето на Вања.
На последното рочиште во петокот, Палевски му постави прашање на Александар Ѓорчевски
„Кажавте дека Гоце Трајковски ви помагал во истрагата. Дали почувствувавте дека секој ваш збор, на вашата сестра, на Зорица се содржани во доказот број 152, затоа што сѐ што сте зборувале му пренесувал на Каришиќ? Додека одморате во вашиот салон ве сликал како спиете и му пратил слика на Каришиќ со коментар „еве го“, на 2 декември, пред да бидете осомничен? – праша Палевски.
– Немам коментар – одговориАлександар Ѓорчевски по што Палевски искоментира дека не сака да го вознемирува човекот кој е неправедно обвинет. (П.А.)