Кризата на Блискиот Исток ќе биде главна тема на разговор на денешната средба на американскиот претседател Доналд Трамп со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Со тоа Нетанјаху станува првиот странски лидер што ќе се сретне со Трамп по неговото враќање во Белата куќа.
Нетанјаху пристигна во Вашингтон во неделата заради оваа посета, потсетува ДПА.
„Ова е важна средба што ја зајакнува длабоката алијанса меѓу Израел и САД и ќе ја подобри нашата соработка“, напиша израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, на платформата Икс.
Односите меѓу двете земји во последно време се затегнати поради израелските воени дејства во Појасот Газа и Либан, како и критиките од страна на поранешниот американски претседател Џо Бајден. За разлика од него, Трамп е помалку критичен кон акциите на израелската армија.
Средбата меѓу двајцата лидери, исто така, има за цел да ги подготви следните преговори меѓу Израел и палестинската исламистичка групација Хамас за продолжување на примирјето во Газа.
Нетанјаху ќе се сретне и со американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кој одигра клучна улога во актуелната размена на израелски заложници за палестински затвореници.
Според медиумските извештаи, Трамп и Нетанјаху исто така ќе се обидат да постигнат напредок кон постигнување договор за нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.