Во Вишиот суд во Белград денеска во 13 часот во кривичната постапка за случајот „Рибникар“ првостепената пресуда ќе им биде изречена на родителите на момчето кое на 3 мај уби девет ученици и чуварот на училиштето и повреди уште шест лица.
На момчето Коста Кецмановиќ не му се судеше, бидејќи според законот не одговара кривично, бидејќи во времето кога го извршил масакрот имал неполни 14 години.
Обвинителството побара единствена затворска казна од 14 години и 11 месеци за таткото на момчето, Владимир Кецмановиќ. За мајката Миљана Кецмановиќ е побарана единствена казна затвор од пет години и пет месеци и парична казна од 500.000 динари, а за инструкторот во стрелачкиот клуб „Партизан“ Немања Маринковиќ три години затвор.
За Миљана Кецмановиќ, главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство, Ненад Стефановиќ, предложил продолжување на забраната за приближување, средба или комуникација со нејзиниот син, кој изврши масовно убиство, бидејќи околностите поради кои и е изречена оваа мерка и проширени не го изгубиле своето значење.
Судењето заврши по 11 месеци и целото време беше затворено за јавноста, но објавувањето на пресудата по закон е јавно.
Пред тоа, во 10 часот, продолжи една од петте парнични постапки, попозната како „големата парница“ за случајот „Рибникар“.
Овој процес го иницираа 27 членови на повредените семејства. Го тужат момчето К.К., неговите родители, како и училиштето „Владислав Рибникар“ за нематеријална штета поради претрпената душевна болка поради загубата на блиско лице.
На претходното рочиште, претставникот на комисијата од судски вештаци кои го прегледаа малолетниот К.К. ги презентира наодите од извештајот што го направила.
И овој парничен процес влегува во завршна фаза, бидејќи останува да се разгледа поединечната писмена документација.