На 9 април 1873 година од Солун во Велес пристигнал првиот воз. Тоа е датум кога е пуштена македонската делница на трансбалканската линија Виена – Солун.  Македонската железница вчера одбележа 152 години постоење, а 9 април е востановен како Ден на железничарите на Македонија.

– Денот на железничарите на Македонија, железничарите го одбележуваат работно, со посветеност, стручност, одговорност и со голем ентузијазам, со цел да дадат свој придонес во создавањето на модерна, современа железница и враќање на железницата на европската мапа – рече Игор Коруноски, директор за влеча и одржување на возните средства во „Македонски железници – Транспорт“.

Денот на железничарите на Македонија преку изјава на Фејсбук им го честиташе и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

– 152 години од постоењето на Железницата во Македонија и сè уште создаваме историја. Заеднички и одговорно, ќе го вратиме сјајот и духот на Македонските Железници и ќе изградиме современ систем на модерна и европска железница – напиша Николоски.

Во Македонија има над 700 километри пруга, во моментов во изградба е само железничката пруга од Куманово до Крива Паланка. Исто така, се работи и на обновување на старите локомотиви кои седеа во депо поради неисправност. Пред неколку денови локомотивата 661.236 по две години, повторно е вратена во функција на товарниот сообраќај.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ