И покрај многубројните предизвици, Народната банка преку своите мерки успеа годинава да ја одржи макроекономската стабилност, како и стабилноста на курсот на денарот во однос на еврото.
– Стабилноста на денарот е загарантирана благодарение на капацитетот и инструментариумот со кој располага Народната банка за одбрана на курсот на домашната валута, со акцент на девизните резерви коишто годинава се околу 40 отсто над нивото од претпандемичниот период – вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во телевизиско интервју.
Таа истакна дека просечната инфлација, која минатата година изнесуваше 9,4%, во првите десет месеци од оваа година, изнесува 3,4% и се очекува натамошно постепено забавување и следната година.
– Се очекува натамошно постепено стабилизирање на инфлацијата и следната година. Идната монетарна политика ќе зависи од инфлацијата и од девизниот пазар. Важно е да се истакне дека цените на примарните производи се под значително влијание на геополитичките случувања, а тој дел сè уште е ранлив, постои голема неизвесност и потребно е големо внимание – истакна Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката посочува и на одредени ризици.
– Дополнителни извори на ризици се секако домашните фактори, особено пазарот на трудот, на кој треба да му обрнеме особено внимание за да не се соочиме со нови бранови на инфлациски движења – вели гувернерката.
Говорејќи за нивото на девизните резерви, како главен инструмент за одржување на стабилноста на курсот на денарот, гувернерката посочи дека тоа е значително повисоко во однос на претпандемичниот период и нагласи дека тоа се должи на постојаниот откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар во изминатите две години, во услови на значително постабилен платен биланс особено трговската сметка, дознаките, како и солидните странски инвестиции. Таа нагласува дека поставеноста на монетарната политика и во иднина ќе биде условена од инфлацијата и девизниот пазар.
– Доколку се задржат поволните трендови, без остварување на некои поголеми надворешни и домашни шокови, тоа секако ќе остави простор за натамошно олабавување на монетарната политика – истакнува гувернерката Ангеловска-Бежоска.