„Планетата против пластиката“ е годинашното мото на кампањата под кое се одбележува Денот на планетата Земја. Овој ден ги обединува студентите, родителите, бизнисите, владите, црквите, синдикатите, поединците и невладините организации во непоколебливата определба да ѝ се стави крај на пластиката заради здравјето на луѓето и заштита на планетата, барајќи 60-процентно намалување на производството на пластика до 2040 година, со крајна цел изградба на иднина без пластика за генерациите што доаѓаат.

– Зборот „средина“ значи она што ве опкружува. Во случајот со пластиката, ние станавме самиот производ – таа тече низ нашиот крвоток, се прилепува до нашите внатрешни органи и носи тешки метали со себе, за кои е познато дека предизвикуваат рак и болести. Сега овој неверојатен и корисен производ што некогаш се мислеше за него, стана нешто друго, а нашето здравје и здравјето на сите други живи суштества висат на конец. Кампањата „Планетата против пластиката“ е повик да дејствуваме сега за да му ставиме крај на злото на пластиката и да го заштитиме здравјето на секое живо суштество на нашата планета – рече Кетлин Роџерс, претседател на earthday.org 

Пластиката претставува сериозна закана за човечкото здравје, исто толку алармантна како климатските промени. Како што се распаѓа пластиката во микропластика, тие ослободуваат токсични хемикалии во нашите извори на храна и вода и циркулираат низ воздухот што го дишеме. Производството на пластика сега порасна на повеќе од 380 милиони тони годишно. Во последните десет години, произведена е повеќе пластика отколку во целиот 20 век, а индустријата планира експлозивно да расте во неодредена иднина.

– Целата оваа пластика е произведена од петрохемиската индустрија, со очајна евиденција на токсичните емисии, излевања и експлозии. Пластиката се произведува во загадувачки капацитети, кои изгледа се лоцирани во најсиромашните населби. Некои пластики се смртоносни кога се согоруваат, друга пластика пренесува хемикалии што го нарушуваат хормонот, а целата пластика може да изгладнува птици и да го задуши морскиот живот. Во секоја фаза од нивниот животен циклус, од нафтениот извор до градската депонија, пластиката е опасна болест – рече Денис Хејс, почесен претседател на earthday.org

Повеќе од 500 милијарди пластични кеси – еден милион кеси во минута – биле произведени ширум светот минатата година. Многу пластични кеси имаат „работен век“ од неколку минути, по што следува „задгробен живот“ со векови. Дури и откако ќе се распадне пластиката, тие остануваат како микропластика, минијатурни честички што се пробиваат во секоја нишка на животот на планетата.

Минатата година, во САД беа продадени 100 милијарди пластични контејнери за пијалаци. Тоа е повеќе од 300 шишиња на жител. Неколку од нив ќе бидат претворени во парковски клупи; ниту еден од нив нема да биде направен во нови пластични шишиња и 95% од целата пластика во САД воопшто нема да се рециклира. Дури и 5% од пластиката што се рециклира се „намалува“ на пониски производи или се испраќа во посиромашните земји за „рециклирање“, оставајќи ја побарувачката за девствена пластика ненамалена.

Луѓето ретко помислуваат на вода кога мислат на пластика. Но, за правење пластично шише со вода, потребно е шест пати повеќе вода отколку што содржи самото шише.

Од „О2 иницијатива“ велат дека микропластиката е насекаде и оти се гушиме во пластика. А, според нив, за да се поправи тоа, секој од нас треба да ја намали целокупната употреба на пластика и да бара од компаниите да ја заменат со иновативни решенија, базирани на природата.

За да се постигне намалување од 60% до 2040 година, целите на earthday.org се насочени кон промовирање широко распространета јавна свест за штетата направена од пластиката врз здравјето на луѓето, животните и на целата биолошка разновидност и барање да се спроведат повеќе истражувања за нејзините здравствени импликации, вклучително и објавување во јавноста на сите информации во врска со нејзините ефекти.

Исто така, ќе се бара брзо укинување на целата пластика за еднократна употреба до 2030 година и постигнување на оваа етапна обврска за укинување во Договорот на Обединетите нации за загадување со пластика во 2024 година. Ќе бараат политики што ќе му стават крај на злото на брзата мода и огромното количество пластика што ја произведува и користи таа и ќе се инвестира во иновативни технологии и материјали за да се изгради свет без пластика.

Брзата модна индустрија годишно произведува над 100 милијарди парчиња облека. Прекумерното производство и прекумерната потрошувачка ја трансформираа индустријата, што доведе до распространетост на модата. Сега луѓето купуваат 60% повеќе облека отколку пред 15 години.

Приближно 85% од алиштата завршуваат на депониите или во печките за согорување, а само 1% се рециклираат. Речиси 70% од облеката е направена од сурова нафта, што резултира со ослободување опасни микровлакна при перењето и континуиран придонес кон долгорочно загадување на депониите.

– Социјалната неправда и модата се директно испреплетени, со експлоатирачки  работни услови, ниски плати и широко распространет детски труд. Премногу долго индустријата се потпираше на прекинат синџир на снабдување и речиси целосен недостиг на владина регулатива.

Учениците од Виница, Кочани, Чешиново Облешево, Карбинци и Зрновци насадија гинко дрвца

Учениците од основните училишта од општините Виница, Кочани, Чешиново Облешево, Карбинци и Зрновци вчера, во дворот на ООУ „Свети Климент Охридски“ во Облешево, пресадуваа изртени семки од гинко и учеа како израснуваат потоа тие во прекрасно дрво. Тие насадија и 12 гинко дрвца, подарок од Томе Стојанов од Волково, познат одгледувач на овој вид дрвја.

Тој изјави дека се одржува ваква акција по трет пат. Прв пат се случило тоа на 6 декември лани, по повод патрониот празник на училиштето и на 28 февруари годинава, кога биле насадени 14 гинко дрвја.

Сашо Тодоров од „Ековита“ НГО од Неготино одржа предавање за создавањето печурки од мицелиум, а гостин беше и професорот Владимир Јаковски од Техничко-металуршкиот факултет. Организатори на оваа активност, која се одржа по повод  22 Април, Светскиот ден на планетата Земја, се директорот на ООУ „Свети Климент Охридски“, Јорданчо  Костадинов, и наставничката Наталија Данашкова.

Децата од тетовските градинки направија костими од рециклирани материјали

Децата од тетовските градинки направија костими од рециклирани материјали и отидоа на забава на градскиот плоштад, по повод Меѓународниот ден на планетата Земја, 22 Април, покажувајќи ги креативноста и желбите за чиста околина.

– Имаме разни активности со сите деца од градинката, а поголемите деца се тука, на плоштадот, да покажат дека научиле да селектираат отпадоци и да прават разни костими. Во изработката им помагаа персоналот од градинките и родителите. Сакаме да дадеме силна порака дека отпадот не е ѓубре, туку треба да се селектира и да се рециклира, да ја сакаме и да чуваме нашата планета – изјави Фатлинда Јаја, директорка на градинката „Младост“.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, рече дека не само на овој ден туку 365 дена треба да се грижиме за околината и за планетата.

– Да, внимаваме како ги користиме материјалите од пакувањата од секојдневната потрошувачка. Да не се гледаат како отпадоци, туку да се користат со понатамошно рециклирање. Видовме дека изработија убави модели и дизајни од такви материјали, покажаа креативност. Работиме заедно со сите генерации да направиме почист и поубав град – изјави Касами.

(С.Бл. – А.П.)