Дивите недопрени, неоштетени реки од препреки, прегради, хидроцентрали… на европскиот континент може да се избројат на прсти. Такви, верувале или не, има и кај нас, како Вардар во неговиот долен тек низ Демиркаписката Клисура, заедно со неговите притоки Дошница, Бошава и Иберлиска Река, кои се едни и единствени реки со кристално чиста и пивка вода и во кои егзистираат некои видови риби и слатководен рак. Движењето покрај нивниот тек е вистинско исклучително доживување, со прекрасен пејзаж прошаран со шума, ливади и со пасишта.

За убавините, информации добивме од Пецко Димитриев, претседател на спортскиот клуб „Клисура“ од Демир Капија, кој вели дека преку лето, кога жешкото сонце не дозволува ништо да се работи, една од работите е качувањето по карпа, по што се оди на освежувачко капење во топлите вирови на реката Дошница, кои се високо на планината

Дивите недопрени, неоштетени реки од препреки, прегради, хидроцентрали… на европскиот континент може да се избројат на прсти. Такви, верувале или не, има и кај нас, како Вардар во неговиот долен тек низ Демиркаписката Клисура, заедно со неговите притоки Дошница и Бошава, како и Иберлиска Река (во некои написи се среќава под различни имиња, како Челевечка, Јуручка или П’гавица). Овие реки се едни и единствени реки со кристално чиста и пивка вода и во кои егзистираат некои видови риби и слатководен рак.

Движењето покрај нивниот тек е вистинско исклучително доживување, со прекрасен пејзаж прошаран со шума, ливади и со пасишта. Токму такво убаво, еднодневно патешествие имаа дел од учесниците на Третата меѓународна конференција за заштита на реките на Југоисточна Европа, која се одржа во Скопје, кон средината на април.

Македонија, заедно со Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и со Црна Гора, е дел од регионалната иницијатива „Заедно за реките“, во која се работи на заштита на делови од 11 водотеци. Еден од нив е и долниот тек на Вардар кај Демир Капија, заедно со петте помали притоки, за кои пред две години беше поведена иницијатива за заштита.

Највреден природен резерват во Македонија

Демиркаписката Клисура претставува фрагмент од еден од најбогатите резервати во Европа кога се во прашање ретките птици грабливки како белоглавиот и египетскиот мршојадец, суриот (златен) орел, орелот змијар и некои други. Карпестиот дел од кањонот е и хабитат во кој вирее специфична хазмофитска вегетација, меѓу која е значајно присуството на дивата фоја.

За убавините на клисурата, која практично ги разграничува медитеранската и континенталната клима, информации добивме од Пецко Димитриев, претседател на спортскиот клуб „Клисура“ од Демир Капија. Не штедејќи зборови, тој зборуваше за својот роден град, за сите активности што ги прават од спортскиот клуб, за искачувањето по карпите, за ретките птици како белоглавиот орел, кој успеале да го задржат да не побегне по минирањата со динамит, кога се правеа тунелите за новиот автопат.

– Цел живот живеам во Демир Капија, со кратки престои во Германија и во Шведска. Демир Капија е мало место, има 4 илјади жители заедно со околните села. Овде, на лето е многу топло, би рекол жешко. Во 2007 година, овде беа измерени 47 Целзиусови степени. Затоа, преку лето, овде нема што да се прави, една од работите е качувањето по карпа, но не во текот на денот, бидејќи е многу топло и се загреваат карпите. По тоа, може да се качува – вели Димитриев.

По качувањето, тој вели дека одат на капење во топлите вирови што се високо на планината, но за нив ќе раскажеме подолу во текстот.

Долниот тек на нашата најголема река, Вардар, која ја опфаќа и Демиркаписката Клисура, е еден од највредните природни резервати во земјава. Таа е Емералд подрачје, кое треба да ужива заштита поради богатството на биодиверзитетот и важна област за птиците – IBA-локацијата, особено за белоглавите и за египетските мршојадци, кои се наоѓаат на листите со загрозени видови. Во Вардар има повеќе ендемични вида, а има и посебна крајбрежна вегетација. Во реката нема бариери, живеалиштата се претежно природни, а пејзажите се живописни и прилично зачувани.

Клисурата е мапирана и како потенцијално Натура 2000 подрачје, а според Директивата за птици и живеалишта на ЕУ, денес таму живеат 149 вида птици. Иако целокупната состојба со квалитетот на водата на реката Вардар не е поволна, долниот дел од реката се смета за втора категорија, со многу помалку загадувачки и повисок хидролошки статус. Исклучителните вредности на долниот тек на Вардар во делот на Демиркаписката Клисура биле препознаени уште во минатиот век, особено посебната геоморфологија на клисурата.

– Оваа карпа пред нас е живеалиште на над 200 вида птици, меѓу кои и белоглавиот орел, кој е еден од ретките. Нема многу единки во светот, се среќаваат на неколку локалитети. Се шпекулира дека на овој локалитет има повеќе од 20 единки. Кога почнаа да се градат новите тунели, се користеше динамит и бевме исплашени дека ќе го напуштат овој простор тука и дека ќе се преселат, но се преселија од другата страна на карпите. Им носевме храна за да ги задржиме ц раскажува Димитриев.

Тој вели дека искачувањето по карпите е под будното око на лиценциран инструктор, кој ги води оние што се искачуваат по маршрути што ги направиле луѓе од Германија, а некојси Русин, пак, изградил сектор за качување и се вљубил во Демир Капија, поради што одлучил да живее тука цели 12 години.

– Има повеќе од 400 маршрути што се за спортско качување, а од другата страна има алпинистичко качување, кое овозможува сам да си импровизираш и да си градиш патека. Поради карпите и качувањето по нив, често пати доаѓаат алпинисти од целиот свет – Словенци, Швеѓани. Дојдоа и Германци, кои се вљубија во природата и купија куќи овде, во Демир Капија, кое е мало место и во кое сите се знаат меѓу себе – кажува Димитриев.

Горе над карпите, пак, се наоѓа стариот град Просек, кој низ вековите бил стратешко место, затоа што можело да се види сè што поминува низ клисурата. Димитриев вели дека, освен со искачување по карпите, до стариот град може да се стигне и покрај рекичката откај стариот пат.

– Меѓу двата тунела има паркинг и може да се излезе. Таму е за 10 степени постудено отколку во Демир Капија. Кога ќе се загреат карпите, температурата стигнува до 42 степени, прежешко е. Меѓу двата тунела тече мала река, во летниот период и ја снемува. Се вика Челевечка Река, доаѓа од селото Челевец, кое е населено со Турци, кои веќе четврта генерација зборуваат исклучиви на турски јазик. Тие си одгледуваат крави, кози и не се дружат со другите. Треба да се работи со нив, да се вклопат во нашата средина – вели Димитриев.

Според последниот попис од 2021 година, во Челевец живееле 43 жители, од кои еден Албанец, 38 Турци и четири лица биле без податоци.

Капење во Топли Вирови

Меѓу селото Челевец и Демиркаписката Клисура, долината на Иберлиска Река е карактеристична по својот преубав пејзаж прошаран со шуми, ливади и со пасишта. Во последните 750 метри од својот тек, реката поминува низ кањон изграден од речиси вертикални варовнички карпи високи повеќе од 200 метри. Се влива во Вардар на самиот почеток од Демиркаписката Клисура. Пред нејзиниот влив во Вардар, тесниот кањон ги одделува двата тунела од стариот пат, кој поминува низ Демиркаписката Клисура, а на помалку од 100 метри од тоа место, над реката поминуваат и двата тунела од новоизградената автопатска делница Демир Капија – Смоквица.

Со својот изворен и речиси неизменет амбиент, долината на Иберлиска Река претставува вистински бисер на македонското природно наследство. Отсуството на стопански субјекти и екстензивниот начин на земјоделство и на сточарство во голема мера придонеле да се зачува изворниот амбиент. Скриен зад ограноците на Конечка Планина, овој простор е речиси непознат за поголемиот дел од нашите граѓани.

Вардар низ преубавата и мистична клисура е идеално место за кајакарење. Лани, овде се одржа Светското првенство во спуст на диви води. Во коритото на Вардар има поставено капии за слалом, каде што од кајакарскиот клуб „Просек“ од Демир Капија вршат едукација на младите кајакари.

– Со кајакот, како спорт, се започнува некаде пред седмата и најдоцна до десеттата-единаесеттата година за да се постигне развој во овој спорт. Сите спортови почнуваат на тие години, но кајакот е поекстремна дисциплина. Во Македонија, кајакот е развиен од почетокот и има долга традиција, има некои клуба, ама, за жал, ние немаме средства и такви услови да направиме вештачки патеки за тренирање – истакнаа од кајакарскиот клуб „Просек“.

Според кажувањата на локалните жители, туристичките работници од Демир Капија организираат еднодневни екскурзии за своите гости по реката Дошница, која е десна притока на реката Бошава, која се влева во Вардар. Во непосредна близина можевме да ја забележиме старата хидроцентрала „Дошница“. Реката со кристално чиста вода е позната кај авантуристите и кај трагачите по злато, бидејќи се смета дека во минатото била вршена експлоатација на злато околу речното корито.

Покрај реката Дошница се наоѓа месноста Топли Вирови, излетничко место над селото Чифлик. Името Топли Вирови доаѓа од тоа што образуваат базени со вода сместени во карпите. Водата брзо се загрева и тие се идеално место за капење. До месноста може да се дојде преку асфалтниот пат од градот Демир Капија во насока кон селото Дрен. Пред самото маало и месноста Топли Вирови, патот станува макадам.

Луѓе што одат на лето да се капат во топлите вирови посочуваат дека се спушта многу чиста вода од планините, се собира во природно формираните карпести корита и многу добро се загрева. Велат дека сезоната за капење обично почнува во јуни и трае до крајот на август.

Заштита на дел од клисурата, реката Вардар и на пет планински притоки

Македонија, заедно со Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и со Црна Гора, е дел од регионалната иницијатива „Заедно за реките“ во која се работи на заштита на делови од 11 водотеци. Еден од нив е и долниот тек на Вардар кај Демир Капија, заедно со пет помали притоки, за кои пред две години беше поведена иницијатива за заштита. Игор Вејновиќ од меѓународната организација „The Nature Conservancy“ нагласи дека се работи на заштита на 400 километри недопрени реки на Балканот.

– Од нив, веќе се заштитени 50 километри, тоа се реките Мрежница и Тончица во Хрватска и Бистрица во Црна Гора, каде што сега се работи и на обезбедување одржливост за овие региони. Се надеваме дека во текот на годинава ќе ги заштитиме и реката Вардар и клисурата во Демир Капија – рече Вејновиќ.

Вардар е под поголем притисок од индустриско и од комунално загадување, а идејата е да се заштити заедно со клисурата во Демир Капија, која е значајно подрачје и за птиците. Според Ѓорѓи Митревски од „Екосвест“, заштитата на Демир Капија е почната пред две години, што треба да резултира со заштита на дел од клисурата, реката и на пет планински притоки.

– Иницијативата е во завршна фаза, се изработува студија за валоризација на вредностите, која треба да биде готова во септември. Соработуваме со Министерството за животна средина и со локалните власти, кои учествуваат во процесот. Се надеваме дека до следната година ќе имаме ново заштитено подрачје што ќе биде поделено на зони и во зоната на строга заштита, каде што се најголемите вредности, ќе бидат дозволени само научни истражувања – истакна Митревски.

Според него, неопходно е што побрзо во Македонија да се донесе новиот закон за води, кој ќе биде усогласен со Европската рамковна директива за води, која е, всушност, најважниот документ според кој треба да се планира заштитата на водотеците, бидејќи актуелниот закон не ги транспонира клучните елементи од директивата.

– Се залагаме за силна инспекциска контрола во заштитата на реките. Не би сакале да имаме вакви поединечни инциденти како излевањето јамска вода од рудникот „Тораница“ во Крива Река. Забележуваме дека често се повторуваат, поради што се занимаваме со решавање на акутните состојби. Треба да се работи на промена на политиките, на засилување на надзорот и на воведување на европските начини на управување со реките – вели Митревски.

Во соседна Грција, Вардар и делтата се веќе заштитени како Натура 2000 подрачје, заради што е исклучително важно да се заштити реката и во нашата земја и на тој начин да се создаде поголем биокоридор.

Светлана БЛАЖЕВСКА

ИЗДВОЕНИ