Тим оратори од делчевската гимназија „Методи Митевски- Брицо“ го освоија третото место на меѓународниот натпревар по ораторство „Balkan Voices 2025“, кој се одржа на Американскиот универзитет во Благоевград, Бугарија.
Како што информираа од гимназијата, учениците од Делчево неколку години по ред се меѓу најдобрите на овој престижен натпревар.
– И оваа година тимот оратори постигнаа одлични резултати на меѓународниот натпревар по ораторство „Balkan Voices 2025“, кој се одржа на Американскиот универзитет во Благоевград, Бугарија, од 14 до 16 март 2025 година. Оваа информацијата ја соопштуваме неколку дена по одржувањето, бидејќи знаеме сите дека имавме денови на жалост поради трагичната несреќа во Кочани – истакнаа од делчевската гимназија.
Во рамките на меѓународниот натпревар, учениците учествувале во сите предвидени активности и видови натпревари, меѓу кои оригинално ораторство и вонредни говори.
– Двајца ученици се пласираа во полуфиналето, а ученикот Лука Стоименовски го освои бронзениот пехар за третото место во категоријата „Еxtemporaneous speeches“ (вонредни говори). Тимот натпреварувачи Јована Димитровска од втора година, Лука Стоименовски од трета година и Ана Ангеловска од четврта година од СОУ „Методи Митевски-Брицо“ беа придружувани од јуниорскиот претставник и логистика Амелиа Џемал од осмо одделение од „Свети Климент Охридски“, од Амелија Џонстон, коментор и волонтер во мировен корпус и од Желеанка Демирова, тренер ментор – појаснија од СОУ „Методи Митевски-Брицо“ од Делчево.
Минатата година, претставници на делчевската гимназија го освоија првото место, а од училиштето изразија благодарност до целиот тим што и оваа година успешно се претстави на ваков престижен натпревар.