„Коле Манев ни остави незаборавно културно творештво, кое, несомнено, ја збогати македонската уметничка и културна ризница. Неговите слики со извонреден успех беа изложени во бројни галерии во светот, предизвикувајќи го интересот на посветените љубители на ликовната уметност. Освен како врвен сликар, Коле Манев ќе остане запаметен и како плоден филмски автор, кој создаде особени дела во документаристиката“, напиша претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во телеграмата што беше прочитано на вчерашната комеморација во Даут-пашиниот амам, во чест на бардот на македонското современо сликарство – Коле Манев (1941 – 2025), кој почина на 22 јануари. Во писмото, таа го спомена и наградуваниот филм „Тулгеш“ на Манев, кој ги отсликува страдањата на протераните Македонци од Беломорска Македонија.

„Како дете бегалец од легендарното костурско село Бапчор, токму Манев можеше највпечатливо и уметнички длабоко да ја посведочи голготата на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција и да ја преточи во бесмртни документарни филмски остварувања. Со смртта на Коле Манев, изгубивме голем сликар и автор, но и голем и благороден човек“, додаде Сиљановска-Давкова во писмото.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пак, посочи пред присутните дека Коле Манев е еден од најзначајните уметници на нашата земја, човек што со своето творештво остави неизбришлива трага во македонската ликовна уметност и култура.

„Коле Манев го напушти овоземниот свет, оставајќи зад себе галерија на дела преку кои го отсликуваше духот на времето во кое живееше. Неговото име ќе остане симбол на уметничката слобода, на истрајноста во творењето, но и на големата љубов кон уметноста. Без разлика дали работеше во сликарството, графиката или во скулптурата, неговите дела ја доловуваат душата на народот и на неговото време, ја пресликуваат секоја болка, радост и надеж“, посочи министерот Љутков.

Тој, исто така, додаде дека Манев оставил непроценливо наследство зад себе, со кое ќе биде секогаш жив и ќе ги инспирира идните генерации уметници.

„Како министер за култура и туризам, но и како човек што го цени неговото дело, сакам да истакнам дека Министерството ќе продолжи да го чува и да го промовира наследството на Коле Манев, затоа што неговата уметност заслужува да биде истакната и почитувана од сите нас“, додаде Љутков.

Во присуство на неговото семејство, голем број пријатели, соработници и љубители на уметноста, на ликот и делото на Коле Манев нè потсетија и: Маја Рауник-Кирков, претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ; Ана Франговска, историчар на уметност и кустос, и уметницата Дијана Томиќ-Радеска.

„Денес се собираме со длабока тага, но и со огромна почит, за да му оддадеме последна почест на големиот македонски сликар Коле Манев. Неговите потези со четка, исполнети со сурови емоции и историска длабочина, зборуваат многу за борбите, надежите и за издржливоста на човештвото. Во име на Националната галерија на Македонија, ја изразуваме нашата најдлабока почит кон неговиот придонес во македонската уметност. Делата на Коле Манев се дел од нашата колекција и се вклучени во постојаната поставка на македонската уметност на XX век, сведочејќи за неговото непроценливо наследство и за неговата посветеност на уметничкото изразување“, кажа Франговска на комеморацијата.

Таа потсети и дека Коле Манев, како уметник, го посветил целиот свој живот на реализмот и на фигурацијата, но откако започнал продлабочено да ги истражува темите поврзани со егејската бегалска криза, творел во рамките на академскиот реализам или како што го дефинира Анте Поповски тоа – „современ реализам“. „Неговото дело не беше само уметнички потфат туку и искрено сведоштво за страдањата на раселените луѓе, болката на егзилот и потрагата по идентитет. Секоја од неговите слики раскажува приказна за копнеж, разделба и непокорниот дух на оние што ја издржале раселеноста. Во текот на својата долга и плодна кариера, уметничката филозофија на Манев остана цврсто вкоренета во вербата дека уметноста треба да сведочи за историјата и да служи како мост меѓу генерациите.  Неговото дело не е само одраз на минатото, тоа е и светилник за иднината, повикувајќи нè да се сеќаваме, да чувствуваме и никогаш да не ги изгубиме од вид приказните што нè обликуваат“, кажа Франгоска меѓу другото.

Инаку, Коле Манев, освен со сликарство, се занимаваше и со илустрација, дизајн и со филмска и ТВ-режија, работејќи долга низа години за МРТВ. Има режирано повеќе документарни филмови како „Тулгеш“, „Дае“, „Црно на црно“ итн., а од 1984 година беше самостоен уметник и му се посвети само на сликарството. Во тој период, Париз му стана честа дестинација, каде што ги продлабочуваше своите ликовни сознанија и каде што реализираше голем број изложби, a реализираше и голем број самостојни изложби како во Македонија така и на меѓународно ниво. Добитник е на голем број награди и признанија, и дома и меѓународно. Еден од значајните аспекти на неговата работа беше и неговиот ангажман во продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Франција. Живеејќи и создавајќи во двата културни контексти, Манев беше мост помеѓу овие две уметнички традиции, промовирајќи ја македонската уметност на меѓународната сцена. Неговата поврзаност со Франција резултираше со бројни изложби, уметнички соработки и културни размени, кои придонесоа за афирмација на македонската ликовна сцена во Европа. Во „Cité des Arts“ во Париз, каде што имаше своја галерија, гордо беше изложена неговата фотографија, а неговото ателје во Градот на Уметноста е едно од големите признанија за неговиот придонес. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ