Во моменти кога зборовите тешко ги доловуваат чувствата, нашите дела зборуваат најгласно. Токму затоа, годинашниот Саем на мебел, што ќе се одржи од 26 до 30 март во комплексот Борис Трајковски во Скопје, не е само простор за дизајн, инспирација и иновации – туку и заедничка подадена рака. Среде подготовките за настанот кој секогаш носи креативност и свежи идеи за уредување на домот, не можеме да останеме рамнодушни пред болката што ја потресе Македонија.
– Со длабока почит кон семејствата погодени од трагедијата во Кочани, информираме дека дел од приходите од влезниците ќе бидат донирани преку Фондот за солидарност на Црвениот крст, за настраданите и повредените во трагичниот настан. За посетителите кои сакаат да придонесат, на Саемот ќе бидат поставени кутии за донации во соработка со Црвениот крст, овозможувајќи секој да даде свој придонес во хуманитарната акција – велат организаторите на Саемот за мебел.
Саемот на мебел 2025, ќе се одржи од 26 до 30. март 2025, во комплексот Борис Трајковски, со повеќе од 50 брендови. Работно време на саемот е секој ден од 10.00 до 20.00 часот.