Дел од Лошињ без жители, без патен и поморски сообраќај – сe уништуваше мина од Втората светска војна

69

Противбродската мина останата од Втората светска војна што деновиве случајно ја пронајдоа нуркачи аматери во морето кај хрватскиот остров Лошињ, вчера беше деактивирана. Таа прво беше дислоцирана од местото каде што беше најдена, а потоа уништена.

– Со контролирана детонација во 12:51 часот, успешно е неутрализирана мина во лошињскиот акваториум. Со овој чин, престанаа ограничувањата на движењето по сообаќајниците на дел од Мали Лошињ, како и во поморскиот и воздушниот сообраќај – соопшти полицијата, додавајќи дека граѓаните и гостите на островот се информирани за ова со СМС-пораки.

За да се изведе оваа операција, островот беше поделен во две зони – црвена и жолта, а жителите од таканаречената црвена зона беа евакуирани. Евакуацијата почна уште претходната вечер, околу 22 часот и траеше сè до отстранувањето на мината. Црвената зона опфаќаше потесен простор во радиус од 550 метри од местото каде што се наоѓаше мината. Во поширок радиус од 1.320 метри, беше жолтата зона, каде што имаше предупредување и препорака до сите жители да не остануваат на отворено  и да ги следат упатствата на штабот.

ХРТ јави дека уште вчера изутрина во 6 часот и 15 минути почнала акцијата за преместување и неутрализирање на мината, со ѕвонење на полициски и на противпожарни сирени. Исто така, поради дополнително обезбедување во овој дел, целосно беа забранети патниот, поморскиот и воздушниот сообраќај.

Жителите на Лошињ, кои разговараа со новинарите претходниот ден, изјавија дека чекаат да се неутрализира мината и дека не се плашат, бидејќи акцијата ја спроведуваат стручни лица. Акцијата беше координирана од Штабот за цивилна заштита на градот Мали Лошињ, во партнерство со ПУ Приморско-Горанска и други служби за итни случаи.

Хрватските медиуми информираа дека мината пронајдена во морето во заливот Чикат била исклучително голема и опасна експлозивна направа. Тежела еден тон, па по претходно направен план, деактивацијата им била доверена на припадниците на елитната антитерористичка единица „Лучко“ и на полициската единица за специјална интервенција од Риека и од Осиек.

Претходно беше извадена мина, исто така тешка еден тон, од морето и кај Риека, така што задолжените за деактивирање веќе имаат искуство со ваква операција.

– Искуството од Риека сега ни помогна до тој степен што ги забрзавме сите процеси, а моравме да забрзаме токму поради доаѓањето на туристичката сезона. Да го направиме тој дел од Лошињ безбеден за сите посетители – рече Ненад Красни, командир на Специјалната и интервентна полициска единица Риека.

Горан Гашперт, раководител на Одделението за јавен ред и безбедност на ПП Приморско-горанска, истакна:

– Мораме да нагласиме дека не постои нешто како апсолутна безбедност и дека ризикот е крајно присутен, бидејќи ако не беше, тогаш не требаше да се преземаат мерки.

Операцијата, сепак, заврши успешно, без да се соопштат повеќе детали за карактеристиките на мината. Но, репортерката на РТЛ, Маја Бркљача, пренесе неофицијална информација дека мината од Лошињ е поопасна од онаа од Риека, поради запалката. Таа, исто така ,информираше дека во акцијата биле вклучени голем број луѓе, од 100 до 150, и тоа пожарникари, полицајци, специјални лица, нуркачи, итната медицинска помош.