Министерството за транспорт и врски по промена на раководството во ЈП за државни патишта ќе побара декласифицирање на Договорот со „Бехтел и Енка“ за автопатските делници на коридорите 8 и 10Д и детална анализа.

– Со промената на раководството во ЈПДП, којашто се надевам дека ќе се случи за брзо, имајќи предвид дека актуелниот директор не поднесува оставка што според мене ќе беше логично, но еве не го прави тоа и ќе мора да преземе Владата други чекори, затоа што таму има Надзорен и Управен одбор, кога ќе се промени раководството на ЈПДП јас како ресорен министер ќе побарам, согласно законот, да го декласифицираат договорот и да биде достапен на јавноста. На терен скоро и да нема активности. Тука државниот ревизор се има помалку задржано. Секако моја работа ќе биде со новото раководство на ЈПДП да направиме детална анализа. Сите опции се отворени и јас она што го кажувам и стојам зад тоа, а тоа е дека треба да сме одговорни кон народните пари – истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Тој повтори дека е неодговорно е да се раскине договор на веќе исплатените 250 милиони евра на изведувачот затоа што тоа ќе бидат изгубени пари. Според него, одговорно е да се седне и да се разговара колку најмногу километри автопат може да се добијат плус за оваа рамковна сума која што е поставена таму.

Осврнувајќи се на Извештајот на Државниот завод за ревизија, Николоски рече дека отвора сомнеж за досегашното работење на ЈПДП, меѓу другото за патот Дреново-Градско за кој проект вели дека има ризици од арбитража, како и за  зголемената вредност на автопатот Кичево-Охрид за 170 милиони евра, а за кој се потрошени 446 милиони евра, а не е завршен и по 10 години од стартот на изградбата.

– Во моментов за Македонија постои опасност од арбитража каде што дополнително ќе треба да плаќа за незавршен пат и согласно извештајот на ДЗР изградбата на делницата е неизвесна, постои целосна неизвесност за нејзина реализација и голем ризик за арбитража затоа што ЈПДП не ги почитувало своите обврски – потенцира Николовски.

За автопатот Кичево-Охрид, министерот рече дека проценетата вредност е 589 милиони евра според Анекс бр. 3 на Договорот, што е зголемување од 170 милиони евра од првичната вредност кога почна да се гради, а која изнесуваше 411 милиони евра.

 – ЈПДП, предводено од ДУИ до денес нема дадено одговори зошто е ова зголемување, а изговор не може да биде дека законот поминал во Собрание. За 10 години се потрошени 466 милиони евра за пат што почна да се гради пред 10 години, а таму се уште има бројни предизвици што треба да се решаваат и  јавниот обвинител треба да поведе истрага и во ЈПДП за тоа што се случува во патната инфраструктура – рече Николоски.

Повикувајќи се на ревизорскиот извештај, министерот истакна дека проценетата вредност на автопатот Скопје-Блаце била зголемена од 112 милиони евра на 198 милиони евра и километар автопат ќе чини 20 милиони евра, што смета дека треба да е мотив плус за Јавниот обвинител.

Николоски нагласи дека и покрај изборните резултати, оставка не даваат и директорите на ЈП МЖ-Инфраструктура, на ЕЛЕМ, на МЕПСО.

– Треба да го видиме законот и на соодветен начин да се направи таму промената затоа што секој ден плус останување на овие луѓе е штета за државата, а мислам дека обвинителството треба да си го преземе својот дел од работата. Она што можам да кажам е тоа дека овие три ќе бидат со менаџерски именувања и ќе бидат именувани во заеднички договор со трите партии во Владата, така ни е договорот – рече Николовски.

(С.Бл.)