Дефинирана откупната цена на оризовата арпа

86

Претставниците на откупните претпријатија и земјоделските производители од Кочанскиот Регион постигнаа договор за откупната цена на оризовата арпа. Така, базната цена за ситните сорти ориз да изнесува 70 денари за килограм арпа, во зависност од количината бел ориз што ќе се добие по лупењето. Ако ситната сорта ориз даде 50 отсто рандман, цената ќе изнесува 35 денари, а ако има понизок рандман – и цената ќе се намалува. За крупните сорти, базната цена ќе биде 80 денари за килограм, што значи дека ако биде рандманот 50 отсто, пропорционално и цената ќе изнесува 40 денари, а ако рандманот е повисок – и цената ќе расте.

– Сите ние, од страна на откупувачите, се обврзавме да откупиме одредена количина арпа за да го олесниме пазарот, без разлика на пазарната економија и на актуелните цени во странство. Се работи за околу 3.000 тони и од ситните и од крупните сорти и тоа е она што ќе се повлече до крајот на годината за да има олеснување и материјал за работа до Нова година – истакна Сотир Англов од откупното претпријатие БМФ од Зрновци.

Претставниците на земјоделските производители, кои присуствуваа на состанокот, рекоа дека се задоволни од договорените цени и услови за откуп и ќе очекуваат да се спроведат на терен. Министерството за земјоделство, од своја страна, ќе преземе мерки за избегнување одредени неправилности при откупот.

– Сакам да потенцирам дека секој земјоделец што ќе има сомнеж за рандманот и за процентот на влага во зрното што го утврдува самата откупна компанија, ќе може бесплатно да направи проверка во Институтот за ориз во Кочани. Ова е направено со цел да се елиминира сомнежот дека има одредени злоупотреби во целиот процес. Нормално, ова што ќе се откупи до крајот на годината, целиот процес ќе биде следен од Земјоделскиот инспекторат за да нема нејаснотии или сомневање. На почетокот од идната година ќе повлечеме и количини за стоковните резерви, со што дополнително ќе го олесниме процесот – истакна министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.

По средбата, беше најавено дека ресорното Министерство, за наредната година, заедно со земјоделците, ќе изготви стратегија за да се избегнат вакви турбуленции во откупот за новата реколта и ќе се однесува и од аспект на семенскиот материјал, заштитните препарати и на доволните и навремени количини вода за наводнување.