Дефектот на улицата „Никола Парапунов“ ги испаничи скопјани, се подготвуваат како да ќе нема вода една недела

69

Скопјани во паника поради најавеното запирање на водата, во поголем дел од градот, в сабота. Тие деновиве масовно купуваат пакувана вода од маркетите. Велат дека веќе ја снемува.

-Кога отидов во маркетот „Кам“ беа останати само помалите шишиња вода од 0,5 литри. Друга вода немаше- вели скопјанка.

ГРАЃАНИТЕ СЕ ПОДГОТВУВААТ КАКО ДА ЌЕ НЕМА ВОДА ЕДНА НЕДЕЛА

Граѓаните не се задоволни од информациите што надлежните ги доставија до јавноста, и бараат да знаат кои улици и кога точно се планира да бидат исклучени,

– Многу шпекулации кружат, луѓето се подготвуваат како да ќе нема вода една недела. Вака сите губиме, ќе се наполнат тони и тони вода уште од четврток, којашто потоа ќе биде истурена, само затоа што немаме точна информација. Потребна ни е јасна информација кога и каде нема да има вода – реагира скопјанка.

Дел од граѓаните пак уште отсега планираат, се разбира оние кои имаат викендички, роднини да го напуштат градот. И локалите веќе се подготвени за саботното исклучување на водата. Пред нив можат да се забележат бели канистри наполнети со вода.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за подетални информации за дефектот на улицата „Никола Парапунов“ упатија на нивниот Дежурно-информативен центар.

Оттаму, пак, за тоа дали в сабота кога ќе биде запрена водата ќе испорачуваат вода со цистерни одговорија дека не знаат и оти нема ништо ново и надвор од последното соопштение објавено од претпријатието.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска во изјава за медиуми истакна дека очекува санацијата на дефектот да заврши во текот на едно деноноќие и дека нема да има потреба од дотур на вода.

– Овој дефект е еден од четирите што ќе се санираат и што ќе бидат завршени во текот на викендот. Техничките лица на јавните скопски претпријатија, согласно со планот, ќе го направат тоа во што е можно пократок рок, така што нема да има никаква потреба од дотур на вода. Санацијата нема да трае ништо повеќе од една редовна поправка на кој било дефект што го имаме во градот – нагласи Арсовска.

ЦУК СЕ ОГРАДУВА, НЕМА КРИЗНА СОСТОЈБА

Од Центарот за управување со кризи, пак, велат дека немаат никакви насоки за тоа.

-Околу овој дефект надлежно е јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Не е прогласена кризна состојба и затоа немаме надлежност околу ова – истакнаа од ЦУК.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вели дека доколку има потреба Владата ќе излезе во пресрет, но дека ингеренциите за санирањето на дефектот, којшто во сабота ќе остави поголем дел од главниот град без вода, е на јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

Тенденцијата на Владата е да ја зајакне децентрализацијата и знаете дека таа веќе почна со тоа. Милијарда евра да им се доделат на општините значи, не е тенденција на Владата да централизира.  Ние ќе им излеземе во пресрет, како што излеговме во пресрет со јавниот превоз, но тоа се ингеренции на ЈП „Водовод и канализација“ и на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Но, мислам дека е време да покажат и докажат дека децентрализацијата треба да зајакне, а не целото време да ургира Владата – смета Меџити.

ДА ИСТЕЧЕ ВОДА НИЗ  СЛАВИНИТЕ ПО ЗАВРШУВАЊЕ НА ИНТЕРВЕНЦИЈАТА

Според  Љупчо Костадиновски, раководител на Одделението за хигиена во Центарот за јавно здравје многу е битно да се предупредат граѓаните, на тоа дека штом снема вода, откако ќе се поправи дефектот може да се случи во неа да се појават примеси од нечистотија и се препорачува водата добро да истече низ славиние.

-Воедно, треба да се направат анализи за да се види по поправката дали водата бактериолошки и хемиски е исправна за да се даде одобрение да се користи за пиење – објасни Костадиновски.

Инаку, како што објаснија од ЈП „Водовод и канализација“  водата полека ќе почне да се запира в петок од 22 или од 24 часот.

– Целосното запирање на водата ќе биде во утринските часови в сабота, по што веднаш ќе почнеме со работните активности на главниот цевковод. Ќе се работи на менување на големите затворачи, односно шибери од 1.600 милиметри. Станува збор за повеќе затворачи на главниот цевковод од десната страна на реката Вардар, почнувајќи од СП – трговскиот во Ѓорче Петров, па надолу Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, сè до Зелениково и Студеничани. Поради тоа, тие ќе немаат вода – беше последното објаснување од Дежурно- информативниот центар при ЈП „Водовод и канализација“. Вода ќе нема и Автокоманда (ниската зона).

Гази Баба, Општина Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарската улица до американската Амбасада, Визбегово, Бардовци, Автокоманда (високата зона), Ѓорче Петров од „СП Планет“ до Сарај, Сарај, Маџари и Сингелиќ ќе имаат вода.

Од „Водовод и канализација“ информираа дека сличен ваков зафат, но од помал обем, бил изведен пред 30 години, а ист како сегашниот, в сабота, не е реализиран повеќе од 50 години.

Последното вакво затворање било направено во 1991/1992 година, за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец.

Според информациите од претпријатието, за решавање дефект од овој вид е изготвен оперативен план со кој поефикасно и побрзо ќе се санира.

– Со овој зафат, покрај тоа што ќе се изврши санација на дефектите на претходно споменатите затворачи, директно ќе се намали и загубата на водата од нивното протекување и ќе се овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош – соопштија од „Водовод и канализација“.

Оттаму додаваат дека се потребни системска промена на затворачите стари пет децении и рехабилитација на хидротехничката опрема, заради зголемување на трајноста на водоводната мрежа и подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа.

Иако посочија од претпријатието дека постепеното затворање на водата ќе започне во 22 или во 24 часот в петок, а целосното ќе биде во утринските часови в сабота, не знаеја да кажат колку часа ќе трае интервенцијата.

– Тоа не знае никој да ви го каже – кусо одговорија од ЈП „Водовод и канализација“.

(А.П.) Фото: Петр Стојановски