– Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари оваа година не доби финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади и се соочува со ставање клуч на врата. Раководителката на овој Центар, Ирена Велкоска, стравува дека со неговото престанување со работа, децата повторно ризикуваат да останат на улица, лишени од суштинска социјална, психолошка и педагошка поддршка.
Од Центарот апелираат надлежните институции да ја преиспитаат одлуката и да најдат начин да биде задржан континуитетот во работата, истакнувајќи дека интересот на децата треба да биде примарен. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади објаснуваат дека по спроведена постапка од Комисијата за обезбедување средства за социјални услуги од општините и од другите даватели, било констатирано дека Центарот не ги исполнува условите пропишани во јавниот конкурс, за што Здружението било навремено известено
Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, кој во изминативе 19 години дава социјална, психолошка, педагошка и друг вид помош и заштита на децата од улица, може да престане да функционира, односно да биде затворен поради административни пречки и немање финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
– Дневниот центар за деца на улица, кој обезбедува социјални услуги на дневен престој на деца во ризик (деца на улица), до минатата година континуирано добиваше финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Од оваа година, поради административна пречка, Дневниот центар работи без нивна финансиска поддршка. И покрај сите наши обраќања, дописи и вложени напори за изнаоѓање решенија / надминување на овој проблем, секогаш наидувавме на молк / недавање одговор од другата страна – информираат од оваа институција.
Оттаму додаваат дека Министерството за социјална политика, демографија и млади, како повикана институција да го штити интересот на децата, со ваквиот однос не го штити нивниот интерес, туку напротив, ја затвора вратата на Дневниот центар и ги враќа децата повторно на улиците.
– Сметаме дека овој проблем е решлив доколку постои силна волја и заинтересираност овој Дневен центар да продолжи да си ја извршува својата функција. Бараме произнесување од нивна страна. Бидејќи неговото работење не е работа само со децата (се работи на подобрување на нивното однесување, дисциплината, формирање работни навики, културно однесување, освојување елементарно знаење, индивидуални активности за анимирање, воспитување и редуцирање на негативното однесување, стекнување работни, воспитни, социјални, културни и животни вештини, превентивни активности) туку и со нивните родители, преку советување и нивна поддршка – појаснува Ирена Велкоска, раководител на Дневниот центар.
Таа информира дека на 24.12.2024 година, Министерството за социјална политика, демографија и млади распишало јавен конкурс за доделување средства за социјални услуги, на кој бил пријавен и Дневниот центар.
– Во предвидениот рок ја доставивме пропишаната документација, со исклучок на уверението за платени даноци, кое го издава Управата за јавни приходи, а неговото издавање го побаравме на 25.12.2024 година, во рамките на рокот за аплицирање, за што го известивме Министерството. УЈП ни го издаде уверението на 3.1.2025 година, кога и го приложивме до Министерството. Значи, од објективни причини (друг орган го издава уверението) бараниот документ е доставен на истиот ден на кој е издаден. На 29.1. 2025 година, од страна на Комисијата за обезбедување средства за социјални услуги од општините и од други даватели, која функционира во рамките на Министерството, сме известени дека нашата пријава не е воопшто земена за разгледување, бидејќи недостига наведениот документ – објаснува Велкоска.
Таа стравува дека со престанокот на работата на Центарот, децата повторно ризикуваат да останат на улица, лишени од суштинска социјална, психолошка и педагошка поддршка.
Од Центарот апелираат надлежните институции да ја преиспитаат одлуката и да најдат начин да биде задржан континуитетот во работата, истакнувајќи дека интересот на децата треба да биде примарен.
Во изминатите 19 години, низ овој Центар помош и поддршка добиле 582 деца. Во овој период, 389 деца завршиле основно училиште, а во средното образование се запишале и го завршиле 30 ученици. Вработени се 230 младинци, а во претходните три години, работно ангажирани се 53 родители.
Како што истакна Велкоска, во моментов, во Центарот услуги добиваат 24 деца, кои се на возраст од 4 до 14 години. Согласно со предвидените план и програма за активности приспособени на возраста, предзнаењето и интелектуалниот капацитет, децата се поделени во две групи.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади потврдија дека на јавниот конкурс распишан на 24.12.2024 година аплицирало и ова Здружение, но Комисијата за обезбедување средства за социјални услуги од општините и од другите даватели констатирала дека не ги исполнува условите пропишани во него, за што Здружението било навремено известено.
– Воедно, информираме дека од Комисијата за лиценцирање даватели на социјални услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади е доставено мислење до Одделението за социјално вклучување за неисполнетост на условите за вршење работа од социјалната заштита – за услугата центар за дневен престој за деца во ризик и воедно дава мислење за одземање на дозволата за вршење работа во социјалната заштита за обезбедување на именуваната услуга, врз основа на што е изготвено соодветно решение, кое е доставено до Здружението согласно со позитивните законски прописи – појаснуваат од надлежното Министерство.
Оттаму додаваат дека на територијата на Општина Шуто Оризари е обезбедена финансиска поддршка, односно доделени се средства за обезбедување на социјалната услуга на Здружението на граѓани за здравствена, социјална и образовна поддршка „Иницијатива за развој и инклузија на заедниците“, односно склучен е управен договор меѓу тоа Здружение и Министерството.
(А.П.)