Традицијата на деца-сурчари, на ден Василица, која е присутна кај православните верници во дебарско, продолжува и понатаму.
Иако групите на деца се далеку помалубројни од некогаш, сепак неколкуте кои вчера ја продолжија традицијата, ги посетуваа правосалвните домови и на домаќините им посакаа среќа и бериќетна година.
Децата во рака држат суројца во форма на крст или китка, составена од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец. Откако домаќините ќе ја отворат вратта тие ги „удираат“по глава и пеат „Сура,сура година, до година повесели“, по што се дарувани пред се со пари, но и со благо.
Традицијата, како што најавуваат од Црковниот одбор на дебарската парохија, нема да биде прекината и за Богојавление-Водици, кога во базенот во дворот на црквата „Света Петка“ ќе биде фрлен осветениот крст.
Во рамките на поновата традиција дебранки синоќа заедно кршеа погача со паричка, која се падна кај Татијана Савеска, стоматолог, која за сите посака среќна и бериќетна година.
– Радосна сум што паричката се падна кај мене. Не само за моето семејство туку за сите поскаувам годината да им биде успешна да имаат многу здравје, среќа, бериќет – рече Савеска.
Оваа традиција е воспоставена пред дваесеттина години, а организаторките се надеваат дека ќе ја продолжат и нивните поколенија.