Децата со атипичен развој ќе добиваат бесплатна стручна поддршка

8

Децата со атипичен развој од Кисела Вода ќе добиваат бесплатна стручна поддршка од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, за што е потпишан и меморандум за соработка. Согласно договореното, во сензорните соби низ основните училишта во општината Кисела Вода ќе се одвива стручна пракса на студентите и наставниот кадар од институтот, што ќе овозможи поддршка, згрижување и стручна помош за децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови.

– Општина Кисела Вода е една од водечките општини  во Македонија, која максимално е посветена  во делот на детската и социјална заштита. Посебен фокус е ставен во делот на заштитата на лицата со попреченост. Во изминатиот период опремивме шест сензорни соби во основните училишта, реализиравме многу едукативни настани како и трибина во партнерство со Македонското научно здружение за аутизам и стручно-научен конгрес со Центар за психофизичко здравје „Гаспар“ од Скопје со кого од септември 2024 им овозможивме пристап до дефектолошки, логопедски и психолошки индивидуални третмани на жителите на општината – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.