Лошите временски услови им создадоа голем проблем на организаторите на Европското првенство во фудбал, кое се игра во Германија. Пред почетокот на првенството видовме сериозни поплави на југот од земјава, а проблемите со дожд и невреме продолжија и во текот на втората половина на јуни, поради што судиите мораа да прекинат неколку натпревари и да ги изнесат играчите надвор од теренот.

Особено драматично беше на натпреварот меѓу Германија и Данска (2:0) во Дортмунд, кога судијата Мајкл Оливер ги испрати играчите во соблекувалната кога почнаа силните громотевици над „Вестфален“, а интересно е што шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте некако погоди дека такво нешто ќе се случи. Тој не беше задоволен од организацијата на целиот турнир, како и од временските услови во Германија за време на првенството, а се покажа дека неговите зборови се остварија.

  • Не сакаме да прескокнуваме натпревари. Германците прво треба да ја победат Данска, а ние да ја поминеме Грузија. Кој знае што ќе се случи до четвртфиналето. Можеби времето ќе го запре натпреварувањето!, изјави селекторот на Шпанија, а таа негова „прогноза“ почна да се врти во светските медиуми.

Така, по драмата, Германија се пласираше во четвртфиналето, додека Шпанија по пресвртот против Грузија (4:1) резервира место меѓу осумте најдобри и сега го чека нивниот меѓусебен дуел, практично „финале пред финале“.

Тој натпревар ќе се игра во Штутгарт на 5 јули, а се надеваме дека прогнозите на Де ла Фуенте повторно нема да се остварат.