Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека интензивно се работи на подготовките за вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај. Даштевски ја објаснува постапката за гласање на изборите имајќи предвид дека за двојните избори гласачите ќе може само еднаш да излезат на гласање. Исто така тој ги повикува гласачите да го искористат своето право на глас на 8 мај достоинствено и без притисоци и да имаме фер, демократски и слободни избори.
-Сега со оглед дека се работи за вториот круг и некои работи веќе се завршени за вториот круг во првиот круг, уште подобро се одвиваат подготовките, дури и за викенд се работеше. Во петокот го утврдивме изгледот на гласачкото ливче кое ќе биде за вториот круг на претседателски избори, а овие другите за парламентарни веќе се печатат, при крај се записниците и другите доверливи материјали, така што веќе сме во добра подготовка, рече Даштевски.