Данската влада повторно ги подобри прогнозите за економски раст, објави денеска Министерството за економија, истакнувајќи ја домашната фармацевтска индустрија, особено производителот на лекови за дебелина Ново Нордиск.
Копенхаген сега очекува економијата да порасне за три проценти оваа година, зголемувајќи ги нејзините августовски прогнози за дури 1,1 процентен поен.
Сега очекуваат речиси иста стапка на раст и во следната година. Претходните проценки покажаа раст на активноста за 2,2 отсто.
„Растот првенствено е поттикнат од производството на фармацевтската индустрија и нејзиниот извоз“, се вели во соопштението на Министерството.
Данската економија е поткрепена со брзата експанзија на фармацевтската компанија Ново Нордиск, производителот на лекот за дебелина „Вегови“ (Wegovy) и лекот за дијабетес „Оземпик“ (Ozempica).
Околу една петтина од растот на бројот на вработени во Данска се припишува на зголемувањето на бројот на вработени во Ново Нордиск, каде во моментов се вработени околу 30.000 работници, соопшти Министерството за економија.
„Иако Ново Нордиск е од големо и зголемено значење за данската економија, ние не предвидуваме сценарио каде тој би бил толку огромен што економскиот раст целосно ќе му се припише на Ново Нордиск“, рече министерката за економија Стефани Лосе на прес-конференција.
Министерството очекува дека растот на данскиот БДП во 2026 година значително ќе се забави до 1,7 отсто, според последните проекции.