Македонските предисториски артефакти, меѓу кои е и Дамата од Милци, кои две години, од 2022 до 2024 година, беа изложени во музеите во САД и во Канада, во рамките на изложбата „Првите кралеви на Европа“ (First Kings of Europе), денеска се враќаат во Македонија. На оваа изложба беа прикажани околу 700 предмети од 23 институции од Балканот. Од Македонија беа вклучени дваесетина предмети од заводите и музеи од Битола и од Прилеп и од гевгелискиот Музеј. Координатор од Македонија беше археологот Гоце Наумов. Со оваа изложба, за која известуваше и весникот ВЕЧЕР, преку експонатите неолитски жртвеник, неолитски скиптар и железнодобен накит од локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, пред светот се проговори за достигнувањата на луѓето од ова поднебје, кои живееле и создавале уметност, ги развивале технологијата и стопанството во периодот од 7 до 5 милениум пред новата ера. Со археологот Бобан Хусеновски разговараме за значењето на ова откритие и за неговата натамошна судбина.
Со археологот Бобан Хусеновски, кој пред десет години, заедно со своите соработници, ја откри Дамата од Милци, разговараме, специјално за весникот ВЕЧЕР, за значењето на ова откритие и за неговата натамошна судбина, по враќањето во Музејот во Гевгелија
*Вие, пред десет години, ја откривте Дамата од Милци, а пред три години, заедно го објавивме нејзиното пристигнување во Чикаго. Какви се импресиите од одржаната мегаизложба во САД и во Канада?
– Со потпишувањето на првата верзија на генералниот договор во 2019 година, меѓу НУ Музеј Гевгелија и Филдовиот музеј од Чикаго, беше официјализирана и првата меѓународна презентација на движното културно наследство од гроб 111 од некрополата Милци или на т.н. дама од Милци. При крајот на 2022 година, во Институтот за древни студии (ISAW) во Њујорк беше отворена првата скратена верзија на изложбата.
Генералната поставка на меѓународната изложба „Првите кралеви на Европа“ беше свечено отворена на 30 март 2023 година, во Филдовиот музеј во Чикаго. Селектираните 17 предмети од Милци беа дел од македонската поставка, покрај жртвеникот од Врбјанска Чука (Прилеп) и скиптарот од Шуплевец (Битола). Во контекст на генералната поставка на изложбата, која броеше 114 композитни целини, нашите експонати беа заедно со издвоеното културно наследство на 23 музеи од 11 земји од југоисточна Европа.
Комплетната поставка, при крајот на минатата 2024 година, за последен пат беше отворена во Историскиот музеј на Канада во Гатино/Отава (CMH), а деновиве, во таа институција, беше и свечено затворена. По враќањето дома, Дамата од Милци, која беше откриена во 2014 година, најверојатно, повторно ќе биде вратена во музејското депо, далеку од очите на јавноста. Се работи за возрасна женска индивидуа, која била погребана на почетокот од 7 век пр.н.е., на јавен простор, кој денес е познат како археолошки локалитет Милци, а кој во праисторискиот период, од локалната заедница на праисторискиот Вардарски Рид бил организиран како рамна некропола. Нејзината специфичност во однос на другите богати погребувања на жени во овој период се огледа во нејзината погребна опрема, а особено во уникатниот прилог – култната палка со симбол на сонце, која засега е единствен интактно откриен наод на Балканот и кој упатува на нејзиниот висок статус во рамките на локалната пајонска популација.
Дамата од Милци претставува темелна преференција во контекст на идниот културен, музејски и туристички развој на Општина Гевгелија. Но, повторно и во оваа пригода ќе констатирам дека се среќаваме со стар проблем, недостиг на изложбени и работни капацитети што произлегуваат од скромниот простор во кој сѐ уште е сместена националната установа Музеј Гевгелија.
*Во неколку наврати бевте директор на НУ Музеј Гевгелија. Што мислите за најновата иницијатива за подигање нова музејска зграда во или во близина на градот Гевгелија?
– Пред сѐ, следам дека во медиумите повторно се актуализират старите, еднаш веќе искажани и објавени аргументи за подигање нова музејска зграда во Гевгелија. Тоа е хроничен проблем поврзан со адаптираната конструкција на станбен објект изграден во далечната 1906 година. Ниту просторната доградба на северниот анекс во 1998/1999 година не донесе некој спектакуларни подобрувања. Во контекст на уредувањето на археолошкиот локалитет Вардарски Рид, во 2001 година, беше изработено и првото идејно решение за подигање нова музејска зграда на самиот локалитет, но немаше поддршка да се преточи тоа во реалност. Дури ниту со конзервацијата и реконструкцијата на амамот во 2005/2006 година и неговата трансформација во некоја идна уметничка галерија, не се оствари тоа. Во добар правец кон разрешување на овој проблем се тргна во 2020 година, со изработка на проектната програма – елаборатот за подигање нова музејска зграда на археолошкиот локалитет Вардарски Рид и со понуденото прелиминарно идејно решение. Капацитетот и перформансите на постојаната археолошка поставка, која е отворена во 2001 година, и издадениот водич во 2005 година, во однос на достигнувањата во денешната музеолошка наука, се надминати и тие, со товарот на огромниот корпус на археолошки музејски предмети, треба да бидат модернизиран во секој поглед. Голема и одговорна задача лежи врз капацитетот и можностите на младите археолози во НУ Музеј Гевгелија, да осмислат проширен и содржаен концепт за нова постојана археолошка поставка и нов водич во кој ќе се најдат бројни ретки и уникатни наоди што со децении ги откривавме и депониравме во нашиот музеј.
Со оглед на тоа што најголемиот дел од музејските предмети во археолошката збирка потекнуваат од повеќеслојната населба на Вардарски Рид и од праисториската некропола Милци, ценам дека зградата што треба да се проектира и да се гради треба да биде во непосредна близина на самиот локалитет Вардарски Рид, бидејќи заедно би претставувале музеолошка, културна и туристичка целина. Впрочем, тој музеолошки стандард, ако погледнеме во дворовите на првите комшии, секаде без исклучок е почитуван.
Со заеднички потенцијал на локалната самоуправа на Општина Гевгелија, во делот за доделувањето градежна маркица, и Министерството за култура во делот за финансирање на основниот проект, Гевгелија во догледен период може да се надева дека, конечно, ќе го добие својот прв наменски музејски објект. Од формирањето на општинската музејска институција во 1980 година, па преку нејзините категоризација и трансформација во Национална музејска установа во 2005 година и постојната богата археолошка збирка, реални и искрени се очекувањата дека најјужната национална музејска установа, конечно, во вистински амбиент и ново руво ќе го претстави делот на државното културно и национално благо.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ