Од јануари до март годинава, од вкупно 90 дена, дури 65 (повеќе од два месеца) воздухот во Битола бил со зголемени концентрации на ПМ 10 честички, покажуваат податоците на Државниот мониторинг систем на Министерството за животна средина земени од мерната Станица Битола 2. Основното јавно обвинителство Битола оформи предмет и ќе истражува дали одлагањето на пепел се вршело согласно еколошката дозвола и Главниот рударски проект. Мерењата на пепелта на професорот Дејан Трајковски што сам ги направил лани во ноември покажале дека нема радијација над дозволените граници, но повика да се направат дополнителни испитувања на алфа честички кои можат да бидат опасни доколку се вдишат во позначително количество во белите дробови
Од јануари до март годинава, од вкупно 90 дена, дури 65 (повеќе од два месеца) воздухот во Битола бил со зголемени концентрации на ПМ 10 честички, покажуваат податоците на Државниот мониторинг систем на Министерството за животна средина земени од мерната Станица Битола 2. За споредба, на годишно ниво се дозволени само 35 дена со надминувања на среднодневната гранична вредност на суспендираната прашина.
Од Основното јавно обвинителство Битола изјавија дека веќе е оформен предмет и се истражува дали одлагањето на пепел се вршело согласно еколошката дозвола и Главниот рударски проект. Но, јавноста се сомнева дека ваквите податоци се должат на работењето на РЕК „Битола“ и на пепелта која е нус-производ од согорувањето на јагленот термоелектраната и која досега се депонирала на отворена депонија која ја разнесувал ветерот во воздухот. На нивните тврдења дека пепелта е радиоактивна, а за што пишуваше весникот ВЕЧЕР, свое видување даде универзитетскиот професор од Битола, Дејан Трајковски. Повикувајќи се на мерењето на пепелта од РЕК „Битола“ што во ноември 2024 ходина го направил со Гајгер-Милеров бројач, Трајковски вели дека еквивалентната радијација не била над дозволените граници, односно изнесувала од 0,08 до 0,10 микросиверти на час, што е приближно трипати пониска вредност од радијациониот фон во Битолскиот регион од околу 0,24 микросиверти на час.
– Ова значи дека тука единствениот извор на радијација е космичкото зрачење, односно пепелта дури го блокира излегувањето на радиоактивниот гас радон (главниот носител на природната радијација) од земјата – коментира Трајковски и дополнува дека треба да се направат дополнителни мерења со пософистирани инструменти за да се измери алфа радијацијата која доаѓа од алфа честичките.
– Доколку идните специјални мерења покажат дека во пепелта од согорувањето на лигнитот во котлите на РЕК „Битола“ навистина има алфа честички, тогаш на ризик би биле изложени во прв ред работниците кои непосредно ракуваат со пепелот. Во меѓувреме, потребно е да им се наложи задолжително носење на маски КН-95 (истите што ги носевме за време на корона-кризата), коишто не само што би ги штителе работниците од алфа честички, туку и од самите ПМ 10 и ПМ 2,5 честички – вели Трајковски.
Тој појаснува дека алфа честичките можат да бидат опасни доколку се вдишат во позначително количество во белите дробови.
– Алфа-честичките не се опасни преку кожата, туку единствено ако влезат во телото преку белите дробови, односно ако се вдишат. Ние слободно можеме да стоиме над пепел со алфа честички и нема да ни се случи ништо, сé додека не ги вдишеме тие честички. Поради ефектот на акумулација (натрупување) во организмот тие потенцијално би можеле да предизвикаат малигни неоплазми, односно рак на белите дробови – вели Трајковски.
Државниот инспекторат за животна средина на 26 март годинава затекнал одложена пепел на отворено во депонијати и побарал рок од 30 дена од РЕК Битола да ја стават во касети и да ја покријат со земја.
Од РЕК „Битола“ соопштија дека сега состојбата е санирана и нема ниту еден грам пепел, теренот е посипан со земја, а од утре одлагањето ќе продолжи директно во касети. Оттаму соопштија дека извештајот на независна лабораторија покажал оти во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за концентрација на суспендирани ПМ10 честички.
Професорот Трајковски потсетува дека освен што одлагањето на пепелта треба да е во специјални касети (ровови), истите треба да се затрупуваат со земја на која треба да се засади вегетација.
– Меѓутоа, при мојата посета на депонијата за пепел во ноември 2024 година, наместо касети со свои очи видов еден огромен рид од свеж, но и стар пепел (на сликата). Таму ги извршив мерењата на радијацијата (што не покажаа зголемено ниво, освен евентуално на алфа-радијација), ги видов работниците кои на секои 10-15 минути истураа по еден камион пепел врз депонијата и мал облак од пепел што го разнесуваше ветерот. Лично не верувам дека онаа планина од пепел некој сега може да ја пренесе во касети, но можеби може со булдожери да се распореди и врз неа да се посипе земја. Меѓутоа, гледајќи како хаотично се распоредувала пепелта, но и јаловината со текот на годините, малку веројатно е дека сега некој ќе воведе повеќе ред на теренот – се сомнева Трајковски.
(С.Бл.)