Министерот за транспорт и врски и заменик- претседател на Владата, Александар Николоски, најавува трет мобилен оператор во Македонија. Со тоа, тој очекува цените за мобилната телефонија, кабелската телевизија и интернет- услугите да се намалат.

– Сериозно ја разгледуваме можноста за доделување лиценца за трет мобилен оператор. Нашата анализа кажува дека цените за мобилната телефонија, како и за кабелската телевизија и интернет-услугите, се повисоки од најголем дел европски земји. На пазарот постои класичен дуопол. Затоа мора да бараме мерки да поевтинат услугите. Граѓаните да имаат подобри и поевтини услуги – најави Николоски, преку „Фејсбук“.

Според него, Владата во следниот период ќе мотивира големи имиња од светот на телекомуникациите да се појават на македонскиот пазар.

– Време е државата да прави за граѓаните – напиша Николоски.

Влез на трет мобилен оператор не се споменува уште од 2018 година, кога тогашниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најави дека се создаваат услови за влез на трет мобилен оператор, кој ќе донесе поволност за граѓаните. Најавувајќи промени во низа подзаконски акти и други одредени мерки со кои ќе се овозможи влез на трет мобилен оператор.

– Сите овие активности ќе бидат правени паралелно со напорите да не ја нарушиме конкурентноста на пазарот, односно на другите два постојни оператора во државата. Крајната цел е подобри услуги за граѓаните, со пониски цени – рече тогаш Манчевски.

Македонија е единствената земја во регионот што располага со само два мрежни мобилни оператора – Македонски Телеком со и „А1 Македонија“. Според последниот квартален извештај на Агенцијата за електронски комуникации, Македонски Телеком држи 46,97 % од вкупниот број активни претплатници (1.950.114), додека „А1 Македонија“ има 47,74 %.

Виртуелниот оператор „Лајкамобајл“ требаше да ја „размрда“ конкурентноста и да продава картички со припејд броеви за национални и за интернационални разговори и припејд Интернет со цени пониски од оние на главните оператори. Според извештајот, „Лајкамобајл“ држи само 2,77 % од пазарот на корисници во мобилната телефонија. Потоа на пазарот влезе и вториот виртуелен оператор, „Телекабел“, и оттаму ветија дека ќе бидат различни и  дека ќе им понудат квалитетни услуги на своите корисници.

Овој оператор држи 1,26 % од пазарот, слично како и српски „Мтел“ со 1,16 %. Најмлад оператор е „Грин мобајл“, кој има скромни 0,10 % од колачот на мобилната телефонија.

Според извештајот на АЕК, на крајот од 2023 година, двата големи мобилни оператора оствариле 96 % од вкупните приходи од обезбедување мобилни комуникациски услуги на малопродажно ниво. Учеството е речиси подеднакво (48,71 % отпаѓаат на Македонски Телеком), а 48,47 % на А1 Македонија, што оди во линија на тврдењето на Николоски за класичен „дуопол“ во мобилната телефонија во земјава. 

Инаку, во досегашниот период имаше заинтересираност за влез од познати, но и од помалку познати оператори. Потсетуваме дека пред 15 години, интерес покажа турски „Туркчел“, кога даде понуда за купување на „Космофон“ пред да се преименува во „Уан“. Во 2017 година, бугарски „Виваком“ покажа интерес за купување на Македонски Телеком.

Ова значи дека и покрај малиот македонски телекомуникациски пазар, сепак постои интерес за влез на нов играч. Од земјите во регионот, Словенија е речиси иста со Македонија и по население и по територија, но располага со четири мрежни мобилни оператори за разлика од нашите два.

(С.Бл.)