Расправиите преку пораки, познати како „fexting“, стануваат се почест начин на несогласување меѓу партнерите. Иако изгледа како безопасна кореспонденција, експертите предупредуваат дека овој тип на комуникација може сериозно да ги оштети односите.
Американскиот психолог д-р Карла Менли објасни дека проблемот со „fexting“ е што ги губи најважните работи во комуникацијата, а тоа се јазикот на телото, тонот на гласот и присуството.
„Без тие елементи лесно се случуваат недоразбирања, а напнатоста меѓу партнерите само расте“, вели д-р Менли.
Многу луѓе пишуваат почесто, отколку лично да разговараат, бидејќи им е полесно да изразат фрустрација без директна средба, што често води до емотивен јаз. Една неодговорена порака може да предизвика чувство на отфрлање, а импулсивната реченица може да остави потрајни последици.
Д-р Менли ги советува паровите да не ги решаваат конфликтите преку СМС пораки, туку да разговараат директно или барем преку телефон.
„Тоа е единствениот начин на кој можеме јасно да ги изразиме нашите емоции и да избегнеме непотребни, погрешни толкувања“, рече таа.