Дали Северниот Пол ќе стане ново воено боиште?

89
pexels

Додека беснеат војни во Украина и Газа како и на Блискиот Исток, ситуацијата околу Северниот пол, Арктикот и неговите огромни природни ресурси се интензивира, пишува Ројтерс.

Данска, која ја надгледува безбедноста во и околу Гренланд, предупреди на зголемен ризик од воен конфликт на Северниот пол, предизвикан од агресивното и заканувачки однесување на Русија.

Во годишниот извештај на Данската одбранбена разузнавачка служба се вели дека безбедносните тензии се шират на Северниот пол, при што Русија усвојува поризичен пристап и минимална меѓународна соработка.

– Русија му дава приоритет на овој регион и демонстрира сила преку агресивно и заканувачки однесување, што ќе доведе до поголем ризик од ескалација отколку што досега беше забележано на Арктикот – се наведува во извештајот.

И покрај отпорот, се очекува Русија да и дозволи на Кина поголем пристап до Арктикот. Кина, од друга страна, најверојатно ќе го искористи овој пристап за да ја зајакне својата улога во регионот и да ги унапреди своите планови за воспоставување воено присуство, се вели во извештајот.

Се смета дека Арктикот е област од стратешко значење за распоредување на нуклеарни подморници кои можат да се сокријат под мразот и кои во случај на воен конфликт можат да извршат удари врз Северна Америка, Европа и Русија.

Рутата преку Северниот пол е и најкратката рута од Русија до САД, што ја зголемува веројатноста за користење ракети кои би биле истрелани во потенцијално воено сценарио, објаснува британската агенција.

Гренланд се наоѓа и во арктичкиот регион, кој е самоуправна територија во рамките на Кралството Данска и каде се наоѓа американската воена база Питуфик.