Дали нуклеарката „Чернобил“ повторно зрачи?

77

Според експертите примарна задача е да се затвори дупка со големина од околу 15 квадратни метри, но и повеќе од 200 мали дупки направени во операцијата за гаснење на пожарот по ударот на дронот. Сега нема зрачење, но невозможно е безбедно да се демонтира стариот саркофаг изграден по хаваријата пред четири децении. Доколку делови од структурата се срушат под сега оштетената заштитна обвивка, ќе дојде до пораст на радиоактивна прашина. Во моментов, заштитната обвивка не ја исполнува својата функција, а тоа е задржување на производите на фисијата внатре во реакторот

Дупката на покривката на исклучената нуклеарна централа „Чернобил“ што настана од удар на руски дрон, ноќта на 14 февруари, го отвора страшното прашање дали оваа централа повторно зрачи радиоактивно.
Во нуклеарката „Чернобил“ во 1986 година се случи хаварија во блокот четири, по која од силната радијација што се рашири на илјадници километри оддалечност почина дел од локалното население, многумина се бореа со тешки болести, додека светот долго време живееше во страв. По таа хаварија оштетениот блок беше прекриен со заштитен саркофаг, кој подоцна, пред 12 години, беше прекриен со нова заштитна школка. Сега темата околу радијацијата повторно се отвора зашто санирањето на дупката на школката со димензија од 15 квадратни километри е тешка и скапа работа. Проблемот станува уште поголем ако се знае дека пожарот што настана по ударот на беспилотното летало се гасеше цели три недели.
-Примарна задача е да се затвори дупка со големина од околу 15 квадратни метри, но и повеќе од 200 мали дупки што Државната агенција за управување со вонредни состојби ги издупи на покривот за време на операцијата за гаснење на пожарот, вели за „Дојче веле“ Григориј Ишченко, директор на украинската државна агенција одговорна за управување со зоната на исклучување околу централата во Чернобил.
Тој појаснува дека во Чернобил доаѓаат странски експерти, а прелиминарните препораки за поправки треба да бидат достапни во рок од еден месец. Според него, сега нивото на радијација е нормално и персоналот продолжува да работи како порано. Но, системот за контрола на притисокот повеќе не функционира, а била измерена малку зголемена влажност, што се должи на ударот и падот на притисокот под школката, која веќе не е херметичка.
Дмитро Хуменјук од Државниот научен и технички центар за нуклеарна и радијациона безбедност на Украина вели дека во моментов е невозможно безбедно да се демонтира стариот саркофаг, кој беше поставен над уништениот блок на електраната во 1986 година веднаш по катастрофата. Тој појаснува дека сè уште има 18 нестабилни греди, а се стравува дека една од трите главни вкрстени греди може да се урне во секој момент.
-Доколку делови од структурата се срушат под сега оштетената заштитна обвивка, ќе дојде до пораст на радиоактивна прашина. Во моментов, заштитната обвивка не ја исполнува својата функција, а тоа е задржување на производите на фисијата внатре во реакторот, вели експертот за „Дојче веле“.
Сепак, тоа не значи дека граѓаните сега треба да складираат таблети со јод или да бараат начини за евакуација.
-Ќе биде невозможно да се завари и поправи оштетената обвивка на лице место бидејќи нивото на радијација таму е многу високо и работниците би биле премногу изложени. Заштитната обвивка беше поставена малку подалеку и се лизгаше на шините над стариот саркофаг. Со оглед на тоа што шините сега се демонтирани, мора да направиме нешто друго, објаснува Хуменјук.
Како што е објавено на веб-страницата на нуклеарната централа, на 18 март претставници на Европската банка за обнова и развој го посетија Чернобил, ги прегледаа техничките капацитети и просторот под заштитната обвивка, а разговараа и со претставници на раководството на нуклеарната централа. За стручна проценка на штетата првично ќе бидат ставени на располагање 400.000 евра од сметката на Меѓународниот фонд во Чернобил.

ИЗДВОЕНИ