ДАЛИ НОВОТО НОРМАЛНО ЌЕ ГИ ЗАФАТИ И МЕЃУЦРКОВНИТЕ ОДНОСИ? Владика Иларион: по Велигден ќе одлучиме за статусот на украинската црква

65

И по една година од своето формирање, посебната синодска Комисија сè уште не изградила став околу статусот на Православната црква на Украина, која ја доби својата автокефалност од Вселенската патријаршија. Првиот човек на Комисијата, митрополитот брегалнички Иларион, изјави за весникот ВЕЧЕР дека сè уште се во фаза на прибирање податоци.

– Сè уште ги прибираме податоците и согледуваме што сè се случува. Не сме имале седница на која би го изградиле нашиот конечен став околу тоа каков е статусот на ПЦ на Украина. Доколку ја стави Синодот на МПЦ-ОА оваа точка на дневен ред на синодската седница по Велигден, тогаш ќе има конечен извештај на нашата Комисија – ни рече владиката Иларион.

Синодскиот портпарол, епископот хераклејски Климент, ни рече дека евентуално би можело да се очекува таква седница по Велигден, во втората половина од април.

– За вакви прашања, потребно е Синодот да биде во комплетен состав. Очекуваме по велигденските празници сите владици да бидат тука за да може да присуствуваат на седницата. Инаку, извештајот што треба да се направи сè уште не е доставен до Синодот за да можат да расправаат владиците по него – ни изјави епископот Климент.
Пред единаесет месеци, во февруари минатата година, на синодска седница, македонските владици решија да се формира комисија што ќе го проучува статусот на Православната црква во Украина, која доби автокефалност од Вселенската патријаршија во 2018 година.

– Синодот му посвети сериозно внимание на проучувањето на украинското црковно прашање и формира Комисија што ќе го проучи статусот на Православната црква во Украина, која доби автокефалност од Вселенската патријаршија. Претседател на Комисијата е митрополитот брегалнички, г. Иларион, а потпретседател е епископот дељадровско-илинденски, г. Јоаким. Комисијата има цел да го проучи и проблемот со именувањето на нашата света Црква со елинофонските цркви – беше наведено во синодското соопштение.

Претходно, во март 2023 година, потесниот состав на Синодот донесе одлука да не сослужува со ПЦУ.

– САС на МПЦ-ОА одлучи да не сослужува со јерархијата на Православната црква во Украина до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на православието. Надлежните архијереи да ги известат своето парохиско свештенство, свештеномонаштвото и верниот народ за оваа одлука – беше наведено во тогашното соопштение и покрај тоа што една недела претходно Украинската црква соопшти дека ја признава автокефалноста на МПЦ-ОА.

Ваквиот став на македонските владици наиде на реакција од Вселенската патријаршија, која почна да го одолговлекува издавањето на томосот за автокефалност на нашата Црква. Поранешниот владика Тимотеј, во февруари минатата година, соопшти дека еден од проблемите за неиздавањето на томосот од Вселенската патријаршија е нашето непризнавање на ПЦУ. Нешто подоцна, митрополитот на Имврос, на Вселенската патријаршија, Кирил, изјави дека признавањето на ПЦУ од страна на МПЦ-ОА е неопходен услов за издавањето на томосот за автокефалност.

Оттаму, од тие причини, сега се очекува извештајот на синодската Комисија за да се види дали ќе има промена на ставот на македонските владици кон ПЦ во Украина или непризнавањето и натаму ќе продолжи. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ