Се чини дека односите меѓу Доналд Трамп и Илон Маск станаа напнати, дури и пред Трамп да го преземе претседателството со Соединетите Американски Држави. Упатените тврдат дека новоизбраниот претседател покажува се повеќе знаци на фрустрација кон најбогатиот човек на светот.
Трамп треба да ужива во наредните недели пред свечената инаугурација на Капитол Хил во Вашингтон, каде по втор пат ќе ја преземе претседателската функција. Сепак, веќе се шпекулира за можен раздор меѓу него и Маск, а главната причина за конфликтот наводно се несогласувањата околу визите H-1B.
Неодамна избувнаа жестоки расправии меѓу Илон Маск и поддржувачите на Трамп. Причината за конфликтот е ставот на Маск за визите H-1B и тврдењето дека на САД им недостасува квалитетен кадар во различни индустриски сектори, поради што, според него, неопходно е да се овозможи доаѓање на странски инженери преку H-1B. програма.
Ваквите изјави наидоа на огорченост кај поддржувачите на Трамп, кои сметаат дека САД имаат доволно сопствен талент и дека масовна имиграција преку оваа визна програма не е потребна. Иако Трамп првично го поддржа Маск по ова прашање, упатените од тимот на Трамп тврдат дека конфликтот не е решен и дека има други причини за тензијата меѓу Трамп и шефот на Тесла.
И британскиот весник Индипендент пренесува гласини дека идниот претседател на Америка го губи трпението со Маск, кој се појавува на секој настан и постојано го кажува своето мислење за политиката.
Многу поддржувачи на МАГА никогаш не биле воодушевени од влегувањето на Маск во кругот на Трамп, особено со оглед на неговото богатство стекнато преку политиката “нет зеро“ преку Тесла. Иако Трамп му даде симболична функција на Маск во новиот владин оддел (DOGE – Department of Government Efficiency), прашање е колку тоа ќе го држи преокупиран.