– Со „Драмолетање“, МТФ „Војдан Чернодрински“ не само што отвора простор за нови драмски гласови туку и создава динамична платформа што може да ја обликува иднината на македонскиот театар. Оваа иницијатива е повеќе од обичен повик за текстови – таа е поттик за создавање и можност за вмрежување. Ако е драмскиот текст основата врз која се градат моќни претстави, тогаш „Драмолетање“ е лет што треба да го врати македонскиот драмски автор на заслуженото место – на македонската театарска сцена – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“

 – Во време кога е речиси истиснат македонскиот драмски автор од домашната театарска сцена, промоцијата на македонската современа драма се јавува како неминовен и итен чекор што треба да се преземе за да се надмине оваа состојба – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Притоа, таа најавува нова платформа за поддршка и промоција на македонската современа драма, која ќе биде реализирана како пичинг-форум насловен „Драмолетање – подем на македонската современа драма“, а во рамките на 59. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Пичингот ќе биде наменет за сите драмски автори што сакаат да ги претстават своите дела пред театарски професионалци, а иницијативата има цел да ги поврзе авторите со режисерите, продуцентите и со националните театри, отворајќи простор за нови сценски продукции.

„Замисли нов свет“ – колаж од делата на Горан Стефановски во МНТ; Фото: МНТ

– МТФ „Војдан Чернодрински“ ја препознава ваквата потреба и во рамките на својата програма, оваа година ја воведува иницијативата „Драмолетање“ со цел да им овозможи на новите и афирмирани драмски автори да ги претстават своите дела пред режисерите, продуцентите и директорите на театри и на тој начин да се поттикне нивната продукција и изведба. „Драмолетање“ е простор за афирмација на македонската драматика создаден да промовира нови македонски драмски автори и дела, да ги поврзе авторите со режисерите, продуцентите и театрите и да поттикне нови сценски продукции. Со други зборови, да создаде една активна заедница на театарски професионалци – истакнува Стојаноска.

Како што се најавува, форумот ќе се одвива во неколку фази. Најпрво, преку отворен повик за пријавување, ќе се изберат од шест до осум драмски текста, чија селекција ќе ја прави стручна комисија врз основа на нивните оригиналност, релевантност и продукциска вредност. На повикот може да се пријават драмски автори, граѓани на нашата држава, со оригинално драмско дело што досега не било изведено на сцена. Секој автор може да се пријави со максимум едно драмско дело. Апликациите треба да се испратат електронски на [email protected], со назнака „Пријава за Пичинг-форум (име и презиме на авторот и наслов на драмата)“, најдоцна до 15 април 2025. Резултатите од повикот ќе бидат објавени на www.mtf.com.mk, на 10 мај.

Понатаму, предвиден е период на подготовка, односно избраните автори ќе имаат можност да учествуваат во работилници со ментори, каде што ќе учат како да ја подготват својата презентација и да го подобрат својот текст. Авторите ќе го претстават своето дело пред стручна публика, а по презентацијата ќе следува Q&A сесија. Сите претставени драми ќе бидат објавени во дигитален каталог, а најперспективните автори може да бидат повикани на идни работилници или драмски читања.

– Со „Драмолетање“, МТФ „Војдан Чернодрински“ не само што отвора простор за нови драмски гласови туку и создава динамична платформа што може да ја обликува иднината на македонскиот театар. Оваа иницијатива е повеќе од обичен повик за текстови – таа е поттик за создавање и можност за вмрежување. Ако е драмскиот текст основата врз која се градат моќни претстави, тогаш „Драмолетање“ е лет што треба да го врати македонскиот драмски автор на заслуженото место – на македонската театарска сцена – додава Стојаноска.

Стојаноска, пред две години, во разговор за весникот ВЕЧЕР, на прашањето има ли недостиг на нови драмски дела на македонски јазик и зарем општествениот миг во кој се наоѓаат Македонија и светот не им дава инспирација на авторите и на режисерите, таа со одговор дека нема недостиг на нови драмски дела, туку дека има недостиг на интерес кон тие дела.

–Режисерите не читаат доволно нови драмски текстови, на драмските автори не им се дава многу простор. Во последниве години се објавени голем број драми, авторите пишуваат и пишуваме. Главното е немање стратегија во театрите, потпирање на одамна изумрени системи. Се случува да се рециклираат дела што сме ги виделе стотина пати, во една година имавме иста драма на Шекспир на пет различни сцени. Најлесно е да се каже: „Нема драми“, но не е така. Има простор за сите, и за антика, и за класика и за современи драми од Македонија и однадвор. Треба да има сериозна репертоарна политика. Треба да има стратегија. Автори и текстови има – кажа тогаш Ана Стојаноска во интервјуто за нашиот медиум, а во пресрет на 57. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Годинашново 59. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се реализира од 6 до 13 јуни.

Во контекст на ова, да потсетиме и дека годинава Драмски театар – Скопје ја воспостави наградата насловена „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор, во чест на нашиот голем драмски писател. Конкурсот има цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо. Како што соопштија од Драмски деновиве, на конкурсот за доделување на наградата „Горан Стефановски“ пристигнале четири пријави. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ