„ТАВ Македонија“ прави напори да го зголеми бројот на летови од Скопскиот и од Охридскиот аеродром, како и да ги поврзе овие два града со нови дестинации. Во таа насока, како што вели за МИА генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, е планирана средба за следната недела со раководството на аеродромот во Прага, „Вацлав Хавел“, за соработка за тур-оператори и за можноста за воспоставување линија Скопје – Прага.
– Сметам дека е многу добра иницијатива и е дестинација што дефинитивно недостига. Сакаме да биде воспоставена оваа дестинација во што поскоро и се надевам дека ќе биде успешна – вели Курт.
Тој потсетува дека ќе има нови дестинации од Скопје до Париз со „Изи џет“, до Барселона, Штутгарт и Лион со „Визер“. Исто така, и летовите на „Трансавија“ што почнаа во неделата, на релација Скопје – Амстердам, линија што е обновена по 12 години пауза, како и чартер-летовите што почнаа на средината од минатиот месец, на „Фрибрд ерлајнс“, авиокомпанија ангажирана од македонски и од германски тур-оператори, во соработка со македонската Влада.
На 27 март, пак, „Туркиш ерлајнс“ стартува со авиолинијата Охрид – Истанбул, четирипати неделно.
– Многу е важно Охрид и Македонија да се поврзани со сите дестинации на „Туркиш ерлајнс“, што отвора многу можности, особено за луѓето што живеат околу Охрид и нема да мора повеќе да возат до Скопје и преку Охридскиот аеродром да ги користат можностите од аеродромот во Истанбул – нагласува Курт.
Тој посочува дека во јануари, споредено со 2024 година, има пад на авиосообраќајот од 9 проценти, но со најавените нови дестинации очекува раст на бројот на патници на средината од годината.
– Бележиме мал пад на сообраќајот, поради некои направени промени и одлуки донесени од авиокомпаниите, односно проблеми што ги имаа со авионите сè досега. Пад од 9 проценти значи 221.000 патници. Меѓутоа, во однос на она што го очекуваме, трендот расте и во наредните месец или два очекуваме зголемување на овие бројки со новите авиокомпании и со новите дестинации – вели генералниот директор на „ТАВ Македонија“.