Италијанскиот тенисер Јаник Синер го освои Австралија опен и со тоа стигна до третата грен-слем титула во кариерата. Сепак, активниот допинг-случај фрла сенка врз неговиот трофеј.
На оваа тема зборуваше легендарниот фудбалер на Саутемптон, Мет Ле Тисие, кој ги „замени“ местата на најтрофејниот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, и Синер. Се праша дали ќе добиел тој ист третман во медиумите како Италијанецот.
– Замислете да паднеше Ѓоковиќ на допинг-тест, а потоа да го освоеше Австралија опен со истрага во тек. Дали мислите дека ќе го имаше истото медиумско покривање? Мислам дека не – напиша Ле Тисие.
Судот за спортска арбитража (ЦАС) во Лозана соопшти дека жалбата на Светската антидопинг агенција (ВАДА) во врска со случајот Синер ќе биде разгледана на 16 и на 17 април годинава.
Во меѓувреме, Италијанецот е неприкосновен лидер на АТП- листата, каде што уште повеќе се зацврсти по одбраната на титулата на Австралија опен. Тој досега има успешна сезона, со леснотија ја „збриша“ конкуренцијата во Мелбурн и во разговор со домашните медиуми изјави дека оваа година може да биде историска за него.
– Историска година за мене, не толку поради првото место на АТП-листата туку поради начинот на кој играм. Мислам дека напредував во однос на минатите сезони, и е видливо тоа на терените. Имам жестока конкуренција на самиот врв, сите сакаат да го земат тронот, но мислам дека ќе мораат многу да се помачат за тоа. Се надевам дека ќе продолжам со истиот ритам. Моите навивачи заслужуваат да бидат среќни – изјави Синер.
Италијанскиот тенисер во моментов има 11.830 поени, додека второпласираниот, Александар Зверев, има 8,135. Трет е Карлос Алкараз (7,010), а четвртото место му припаѓа на Тејлор Фриц, кој стигна до 5,050 поени на своето конто.