Јавноста и еколошките здруженија се револтирани што иако поминаа 18 дена по хаваријата во рудникот „Тораница“ и загадувањето на Тораничка и на Крива Река, сè уште не се изјасниле надлежните дали ќе се продолжи со испитувањата во поширокиот слив – на реките Пчиња и Вардар и што ќе се прави за заштитата на јавното здравје. Пратеничката и ексминистерка за животна средина, Каја Шукова, се сомнева дека е во ризик здравјето на луѓето и бара кривична одговорност за еколошката катастрофа во Крива Река. Од „Зелен хуман град“ велат дека некој упорно се коцка со нашите животи и бараат јавно споделување на информациите за еколошкиот инцидент, како и вклучување на Јавното обвинителство, да направи истрага како што побара градоначалникот на Крива Паланка

 

Јавноста и еколошките здруженија се револтирани што иако поминаа 18 дена по хаваријата во рудникот „Тораница“, кога дошло до пукање на главниот цевковод за јамската отпадна вода, која содржи суспендирани материи, минерални масла, метали (олово, цинк, кадмиум, манган, арсен и друго) во својот состав и кои се излеале во Тораничка Река, која се влева во Крива Река, предизвикувајќи еколошка катастрофа, надлежните сè уште молчат дали храната и водата што ги користиме се ризични за здравјето на луѓето. Со оглед на тоа што водата од Крива Река е дел од поширок воден систем. Крива Река се влева во реката Пчиња, а таа во реката Вардар, а истата вода се користи и за наводнување на земјоделските површини, но е дел и од бунарската вода и изворите што се користат за пиење.

Општина Крива Паланка во петокот објави шокантни податоци што ги добила од независна лабораторија, по направените анализи на водата во Крива Река, кои покажуваат дека концентрацијата на цијаниди е стотици пати зголемена, дека десеткратно е зголемено присуството на олово и дека се алармантни вредностите на фосфорот, азотот и на другите штетни материи.

Министерот за животна средина, Изет Меџити, инсистира на целосна транспарентност и одговорност, но од Министерството што го води сè уште не се изјасниле дали ќе се продолжи со испитувањата во поширокиот слив – на реките Пчиња и Вардар и што ќе се прави за заштитата на јавното здравје.

Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) известија дека, според изјавите на одговорните лица од рудникот, отпадната јамска вода, која се користи како технолошка, е механички заматена од работните активности во јамските простории, односно технолошката вода во јамските простории се користи за дупчење, а до заматување доаѓа и од движење на јамската механизација во просториите, движење на работниците во просториите, како и од други работни активности.

– Во 15:00 часот истиот ден е заменета цевката, односно дефектот е целосно саниран. При увидот на самото место, визуелно не е забележан помор на риби. Исто така, од риболовното друштво „Мрена“ од Крива Паланка е добиено писмено известување дека од нивна страна не е идентификуван помор на риби во реките – велат од ДИЖС.

Оттаму велат дека „поради утврдени законски повреди и неправилности со записник за констатираната фактичка состојба, правниот субјект со решение, како акт во инспекциска постапка, е задолжен да преземе мерки за исполнување на условите предвидени во А-интегрираните еколошка дозвола во случај на инцидент, со тоа што ќе го процени загадувањето на животната средина предизвикано од инцидентот. Рокот е 15 дена од приемот на решението. Решението е примено од правниот субјект“.

Пратеничката и ексминистерка за животна средина, Каја Шукова, се сомнева дека е во ризик здравјето на луѓето и бара кривична одговорност за еколошката катастрофа во Крива Река.

– За еколошка катастрофа со излевање отрови, тешки метали и цијанид во Крива Река, мора да има кривична одговорност. Се работи за институционални пропусти, кои довеле до директна закана за здравјето и животот на граѓаните. Загрозени се земјоделски површини, бунари, води по теченијата на Крива Река, Пчиња, Вардар. Прашањето е колку се изложени граѓаните на контаминирана храна, опасна за здравјето. Сите пазари во Скопје, Куманово, Велес, Паланка се снабдуваат со производи што се наводнуваат токму од овие води. Ова е огромен скандал за кој мора да има одговорност. Екоцидот е кривично дело согласно со македонските закони. Односот и непостапувањето на државните институции се катастрофални и мора да има одговорност – децидна е Шукова.

Таа истакна дека ова не е локален проблем и побара темелна, независна и итна истрага со утврдување кривична одговорност.

Од „Зелен хуман град“ велат дека некој упорно се коцка со нашите животи и бараат јавно споделување на информациите за еколошкиот инцидент, како и вклучување на Јавното обвинителство, да направи истрага како што побара градоначалникот на Крива Паланка.

– Со актуелната поставеност на Законот за животна средина, единствено е можна привремена забрана за вршење дејност во период од најмногу 30 дена. Во 2007 година, мнозинството во Собранието го избришало членот 213 од Законот за животна средина, според кој забраната за вршење дејност на правното лице можела да се изрече и за период од најмногу три години – потенцираат од „Зелен хуман град“.

Во својата објава на Фејсбук, ДИЖС известува дека правното лице БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип, подружница на рудникот „Тораница“ – Крива Паланка, потпишало спогодба со Државниот инспекторат за животна средина, со што според закон, му се овозможува глобата да биде намалена до половина од износот на пропишаниот минимум на глобата за прекршокот, кој изнесува 200 илјади евра за правното лице, односно максимални 10 илјади евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице.

– Со искористувањето на можноста за спогодба од Законот за животната средина, сторителот ја избегнува судската постапка, секако во согласност со закон и со тоа ја елиминира можноста од членот 96-б од Кривичниот закон, според кој судот има надлежност да изрече трајна забрана за вршење одделна дејност или престанок на правното лице доколку оцени дека постои опасност сторителот да го повтори делото во иднина. Оттука, имајќи ги предвид и горенаведените аргументи, сторителот може да плати и мизерни 100 илјади денари за прекршокот и веднаш да продолжи да работи – нагласуваат од „Зелен хуман град“.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ