Изборот на Доналд Трамп за претседател на САД ќе има големи последици за односите со Европа, НАТО и Русија.
„Ќе ги прекинам војните. Републиканците се партија на здравиот разум. Во нашиот последен мандат немавме војни, немаше војни четири години. Освен што ја победивме ИСИС. Ја победивме ИСИС во рекордно време, но немаше војни. Рекоа тој „ќе започне војна“. Нема да започнам војна, ќе прекинам со војни. Ова е голема победа за демократијата и слободата. Ќе ја отклучиме славната судбина на Америка, ќе постигнеме неверојатна иднина за нашиот народ“, рече Трамп во својот победнички говор.
Шефот на НАТО, Марк Руте му честиташе на Доналд Трамп и рече дека покажал „силно американско лидерство“ во неговиот прв мандат што ја зајакнало Алијансата. Руте рече дека со нетрпение очекува да работи со Трамп „за промовирање на мирот преку силата на НАТО“.
Тој се осврна и на предизвиците со кои се соочува алијансата, без директно да ја спомене војната во Украина.
„Се соочуваме со се поголем број глобални предизвици, од поагресивната Русија, тероризмот, стратешката конкуренција со Кина, како и зголемената усогласеност на Кина, Русија, Северна Кореја и Иран“, рече Руте.
Европа интензивно „разговара за мерките за заштита од Трамп“, вклучително и можни трговски војни и промени во безбедносната сфера, дознава „Вашингтон пост“ (ВП) во разговорите со неколку високи функционери на Европската унија, кои побарале анонимност, пишува Вести.ба.
Францускиот претседател Емануел Макрон е политички ослабен откако го загуби мнозинството во парламентот, германскиот канцелар Олаф Шолц е заглавен во коалициски спорови и се соочува со подемот на екстремната десница, а рејтингот на британскиот премиер Кир Стармер падна на рекордно ниско ниво.
Според кандидатот на ЦДУ за германски канцелар Фридрих Мерц, победата на Доналд Трамп на американските избори би имала сериозни последици за Европа.
„Што ќе се случи ако по втор пат во Америка биде избран претседател кој ќе го прогласи НАТО за застарен и веќе не е подготвен да ги исполни своите безбедносни ветувања?, рече тој. „Тогаш ние сме сами. Со тоа не мислам само на нас Германците, туку на нас Европејците.
Покрај ЕУ, овојпат мора да се подготви и НАТО, бидејќи на чело на најголемата и најважна членка на НАТО за сите сојузници доаѓа човек познат по својата непредвидливост и самоволие.
Овој пат, Северноатлантскиот сојуз сака да биде подготвен да избегне егзистенцијална криза.
Изјавите на Трамп на почетокот на изборната кампања „дека ќе им помага само на земјите кои плаќаат, а останатото ќе му го остави на Владимир Путин – дополнително го подгреа стравот“.
Но, и покрај ширењето на оптимизмот на Руте и уверувањето дека сè ќе остане како што е, како што предупреди Марко Оверхаус, експерт за САД, илизорна е идејата дека НАТО може да се подготви за екстремно сценарио како што е повлекувањето на САД од алијансата или заминувањето на американските војници, пушва порталот Вести.ба.
„Трансатлантските односи во одбранбената политика се структурно неурамнотежени“, тврди Оверхаус, истакнувајќи дека односот на обврските е 75 отсто во однос на САД и 25 отсто кон Европа.