Предлог законот за инвестицискиот проект за когенеративната постојка „Митилинеос“ ќе ја чека новата Влада, бидејќи во Собрание, во четвртокот, не дојде до гласање за овој проект, како и за уште трите други енергетски проекти „Соларен парк Стипион“, „Аим грин тек“ и соларна електрична централа – Пехчево. А не беа ставени на дневен ред и во понеделникот, кога се одржа последната седница во овој парламентарен состав.

Владата претходно еднаш ги повлече, а потоа ги врати во собраниска процедура со образложение „за да се отстранат недоразбирањата“. Претходно, пред да бидат повлечени, предлагач беше министерот за економија Крешник Бектеши од ДУИ, а потоа повторно се најдоа во собраниска процедура, но како предлози на СДСМ.

Во јавноста најголемо внимание привлече законот за гасната централа која, според договорот, треба да ја гради грчката компанија „Митилинеос“ кај скопска Железара. Дел од експертите изминатиов период реагираа дека со реализацијата на овој проект државата ќе претрпи огромни финансиски штети, а грчкиот инвеститор од друга страна ќе има голема добивка и ќе се богати.

– Со задоволство можеме да констатираме дека нема да испадне ништо од налудничавиот, криминален и антинароден закон за „Митилинеос – гасна постројка Скопје”. Им требаат три дена за расправа на комисија за економски прашања, а потоа уште еден ден за усвојување на пленарна седница, што веќе ги немаат. Со голема поддршка на медиумите, за што сме им многу благодарни, се надевам дека и ние, инженерите придонесовме за ваквиот поволен исход. Дополнително, населението имаше можност да се информира за едно толку важно подрачје како што е енергетиката, во комбинација со финансиската анализа, со која што се нераскинливо поврзани – вели професорот Дејан Трајковски од Битола.

Инаку, „Митилинеос“ се споменува и за испорака на јаглен за потребите на РЕК „Битола“, поточно нејзината фирма–ќерка „Протергија“, која во нашата земја има своја компанија „Протергија енерџи“ ДООЕЛ Скопје со која АД ЕСМ склучи рамковен договор за да ја врши оваа работа со битолскиот енергетски комбинат. Со „Протергија“ е склучен договор за 500 илјади тони јаглен, во вкупна вредност од 26,5 милиони евра без пресметан ДДВ. Вториот договор за набавка на јаглен АД ЕСМ го склучи со исто така компанијата од Грција „Никопулос“ за набавка на околу 200 илјади тони јаглен во вредност од речиси 12 милиони евра исто без  ДДВ. Претходно оваа компанија имала договор за 160 илјади тони јаглен тежок 11 милиони евра.

Четирите стратешки инвестиции посочени погоре, се предвидува дека чинат 786 милиони евра и Владата смета дека со нив ќе се обезбеди енергетска независност на земјата, бидејќи електричната енергија ќе им ја купува АД ЕСМ.

(С.Бл.)