Се зголемува притисокот од сите страни за пораст на минималната плата. Освен Сојузот на синдикати на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Конфедерација на синдикалните организации на Македонија се приклучи на барањето за зголемување на платите. За синдикатите е прифатлив предлогот за зголемување на минималецот на 500 евра, а придонесите да останат исти, односно работодавачите да не плаќаат дополнителни придонеси за разликата од покачувањето. Сепак, работодавачите сметаат дека не може државата да стои на страна и да остави ова прашање да го решаваат само синдикатите и работодавачите. Тука се и вработените во јавниот сектор и делот за придонесите кој треба да ги покрие државата. Поради тоа се поставува прашањето дали државата е подготвена на сите работници да им ги зголеми платите за 26 отсто?
Ставот на Организацијата на работодавачи на Македонија е дека платите треба да пораснат согласно законските одредби, односно во март минималецот да се зголеми на 24.400 денари и ништо повеќе од тоа.
-Предлогот за зголемување на минималната плата на 500 евра, а придонесите да останат на сегашно ниво не е комплетен. Предлогот се однесува само на минималната плата, а што е со останатите плати. Ако се зголемува минималната плата треба да се зголемат и останатите плати, а тоа значи и повисоки придонеси. И покрај тоа што дел од тие придонеси ќе плати државата поголем дел ќе падне на товар на работодавачите. Така на пример на минимална плата од 31.500 денари со сегашните давачки кои изнесуваат 9.330 денари и со персоналниот данок 1.374 денари, значи дека работодавачот ќе треба да плати 42.213 денари. Тоа значи дека и да останат исти придонесите ќе има 26 отсто зголемување во однос на сегашната бруто минимална плата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организација на работодавачи на Македонија.
Тој вели дека ако се зголеми минималецот, ќе треба да се зголемат сите останатите плати во државата. Поради тоа се поставува прашањето подготвена ли е државата и на вработените во јавниот и во приватниот сектор да им ги зголеми платите за 26 отсто.
-Ако се зголеми само минималната, а нема пари за зголемување на останатите плати ќе настане хаос во државата, затоа што во одредени трудоинтензивни дејности сите вработени во фирмата треба да земаат минимална плата. Така на пример во моментов просечната плата во текстилната индустрија е 27 илјади денари, што значи ако минималецот се качи на 31.500 денари треба сите вработени да земаат иста плата. Како тогаш да се мотивираат подобрите и попродуктивните работници во компаниите ако имаме ваква состојба. Затоа целта треба да биде зголемување на продуктивноста со цел да се зголеми производството и да се поттикне развојот на економијата и тогаш сите работници ќе имаат поголеми плати, објаснува Димитров.
Сојуз на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на синдикални организации се согласни за минимална плата од 500 евра, со оглед на фактот дека трошоците за живот се енормни зголемени за работниците.
-За 12 месеци, посиромашни сме за најмалку 20 отсто. Кај синдикалната минимална кошница имаме зголемување од 10,65 проценти за една година. Инфлацијата во државата не може да биде 3,5 отсто, туку е над 10 отсто, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
И Марјан Ристески, претседател на КСОМ смета дека минималецот треба да порасне на 500 евра за да бидат задоволни работниците.
– Се надевам и Владата ќе биде задоволна доколку се договорат синдикатите и работодавачите, но проблем е што парите треба да ги дадат работодавачите. Тие викаат, во ред, ние ќе ја покачиме минималната плата, но ќе отпуштиме работници. Веднаш се закануваат со нешто што не е издржано. Ќе направат сè и ќе изнесат разни аргументи само да не дадат дел од профитот, вели Ристески.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека Владата ќе прифати сè за што ќе се договорат работниците и работодавачите.
Во моментов минималната плата во државата е 22.567 денари (367 евра). Ако двајца возрасни во семејството земаат минимална плата, тие можат да купат едвај половина од основните производи. Според статистиката, ќе им недостигаат уште 18.000 денари за да го да го „протуркаат“ месецот.
Од земјите во регионот, македонските работници земаат повисок минималец само од работниците во Косово и во Албанија.
На почетокот на февруари ќе се кршат копјата за минималецот кога треба да се одржи Економско-социјалниот совет. На иста маса ќе седнат работодавачите, синдикатите и Владата за конечно да одлучат колку ќе изнесува минималната плата од март.
(А.С.)