Ландо Норис ја оствари својата прва победа во сезоната 2025 на трката за Големата награда на Австралија. Британецот испорача извонредно возење, но дали е тоа доказ дека е подготвен за титулата? Неговиот настап во Мелбурн покажа дека можеби е најблиску до шампионско ниво во досегашната кариера.

Ландо Норис беше самокритичен минатата година, тврдејќи дека не возел на ниво на шампион. Неговите изјави донекаде наидоа на критики, но изгледаше дека само искрено го анализираше сопствениот настап.

-На моменти возев на тоа ниво, но имаше и грешки кои не можам да си ги дозволам, изјави минатата сезона Норис.

Само половина година подоцна, Норис со шампионски пристап покажа дека годинава е „печен“ за титулата во Формула 1. Неговата победа во Австралија не беше случајна, туку резултат на низа ситни детали кои одлично ги изведе. Иако не беше беспрекорен целиот викенд, најважно е што се покажа во вистинско светло кога беше најпотребно.

На почетокот на трката тој направи два клучни потези кои му помогнаа да ја задржи лидерската позиција. За разлика од лани во Бразил, овој пат го контролираше темпото во текот на целата трка, држејќи ги на дистанца тимскиот колега Оскар Пјастри и актуелниот шампион Макс Верстапен.

Клучниот момент се случи во 44. круг кога почнаа да паѓаат првите сериозни капки дожд. Иако накратко ја загуби контролата и се излизга од патеката, тој успеа да го задржи болидот и да остане во водство.

  • Во Формула 1, ако мислите дека имате сè под контрола, тогаш обично почнувате да губите, изјави Норис по трката.

Неговата комуникација со тркачкиот инженер Вил Џозеф беше исто така многу појасна од порано. За разлика од минатата сезона, сега изгледа подготвен за сите непредвидливи ситуации кои ги носи Формула 1.

Со притисокот да биде фаворит, Норис испорача одлично возење токму кога беше најпотребно. Неговата победа во Абу Даби минатата година можеби беше клучна за Мекларен, но во Мелбурн покажа нова димензија.

Сепак, сезоната во Формула 1 е долга, Ред Бул и Макс Верстапен сигурно го немаат кажано последниот збор, а тоа го знае и самиот Норис.

  • Знам што можам, знам што сум способен да постигнам, изјави Норис, свесен дека патот до титулата допрва почнува.

Викендов ќе се вози втората сезонска трка, за Големата награда на Кина, која е на програмата во недела во 8 часот.

ИЗДВОЕНИ