На два месеца пред изборите најголемите партии во албанскиот политички блок, владејачката ДУИ и опозициската коалиција Вреди, сè помалку се воздржуваат од остри меѓусебни обвинувања за тоа кој планира да предизвика политички немири на 8 мај.
Денеска, од партијата на Али Ахмети, ДУИ, порачаа дека со голема загриженост ги следат обвинувањата, на опозицијата за нивниот претседателски кандидат, Бујар Османи, како и кон премиерот Талат Џафери, и притоа предупредија дека коалицијата „Вреди“ подготвува како што нагласија руско сценарио, за тоа да не ги прифати изборните резултати и да предизвика политички немири по 8 мај“
-Координирана со ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски и Левица на Апасиев, како и во отсуство на изборна програма, коалицијата Вреди ги засили клеветите против Бујар Османи и Талат Џафери, а не ги штедат ниту семејствата на функционерите, нешто што ги загрижува и граѓаните, но известен е и меѓународниот фактор во земјата. Ја покануваме опозицијата, и албанската и македонската, да води кампања во согласност со европските и демократските вредности, бидејќи сè што е против тоа значи оддалечување од Европската Унија и приближување до Москва и Путин, велат од ДУИ.
И премиерот Талат Џафери денеска се огласи по обвинувањата дека ДУИ нема да ги признае изборите и дека спрема нерегуларности. Џафери оцени дека станува збор за политички изјави и ги повика институциите да постапат доколку има потреба од тоа.
-Институциите се надлежни да реагираат, доколку има елементи соодветни за постапување, по допрен глас треба да го направат тоа. Тоа се надлежности на судскиот систем. Ние како Влада покрај другите обврски, имаме обврска и за подготовка и спроведување на фер избори. Според Изборниот законик, само ДИК може да го прави тоа. Со надлежноста на Владата ние треба да сме поддршка на процесот во спроведување на тоа што е целта“, рече Џафери.
Коалицијата „Вреди“ на албанските опозициски партии викендов упати критики за бројот на странски набљудувачи што ќе ги мониторираат изборите во земјава, притоа обвинувајќи ја ДУИ дека директно влијаела на ваквиот пристап на странските организации кон државава, со оглед дека претседателскиот кандидат на ДУИ, министерот Бујар Османи беше претседавач на ОБСЕ . Оттаму оценија дека за една земја членка на НАТО, присуството на ОБСЕ-ОДИХР на изборите со 300 набљудувачи е знак дека таа земја има реален потенцијал за нерегуларности во изборниот процес и факт што зборува дека ДУИ подготвува терен да предизвика политичка криза по изборите за да може техничката влада на Талат Џафери да го продолжи својот технички живот.
Од партијата на Ахмети, меѓутоа, денеска им возвратија дека одлуката на ОБСЕ-ОДИХР да ги следи изборите на 24 април и 8 мај со 24 долгорочни набљудувачи и 300 краткорочни набљудувачи, е за поздравување со оглед дека сметаат дека овие избори ќе бидат одлучувачки за иднината на земјата.
Од партијата на Али Ахмети велат дека, и покрај напорите на опозицијата, јавноста знае дека кога организирала ДУИ избори во овие 23 години, тие биле слободни, демократски и меѓународно прифатени.
Во изминатите две недели, албанската опозиција и ДУИ меѓусебно се обвинуваат дека нема да се помират со поразот што ќе го претрпат на изборите и дека има подготвеност и да предизвикаат немири на изборите и по изборите.
А, конфронтацијата на двата политички фронта што се создадоа на политиката сцена се врти и околу тоа кој е за Европа, а кој е за Русија.
Иако ДУИ на изборите настапува со слоганот – Да за Европа и не за Русија, и од опозицијата оценуваат дека тоа е само празна флоскула и дека ДУИ глумат Американци, а дека имаат бизниси со Руси.
Денеска партијата Беса која е дел од коалицијата Вреди излезе со соопштение во кое обвинува дека како што одминува времето сè повеќе се убедени дека слоганот на ДУИ „Да за Европа – не за Русија“ во себе крие страв од срамот на откривање на вистинските руски врски на партијата.
Оттаму посочуваат дека високи функционери на оваа партија се луѓе за кои постои сомневање дека имаат врски со антиамериканските кругови и дека за тоа има факти.
-Токму градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кадар на ДУИ, е ставен на американската црна листа поради корупција и злоупотреба на правдата. Но, тој не е единствениот. Поранешната градоначалничка на Општина Тетово и до вчера потпретседател на ДУИ, Теута Арифи, и понатаму останува запаметена како соработничка на бизнисменот со руски врски, Дака Давидовиќ, кој исто така е на американската црна листа. Дури, според нашите информации, Теута Арифи е одбиена за амбасадор во САД и во Брисел токму поради овие пропусти. Мендух Тачи, блискиот соработник на Али Ахмети и понатаму е на американската црна листа, наведуваа партијата Беса.
Оттаму го повторија и обвинувањето и дека претседателскиот кандидат на ДУИ, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, бил човекот кој во Будимпешта преговарал со поранешниот премиер Никола Груевски за негово враќање, а дека тој станал и домаќин на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, и дека со тоа станал првиот и единствениот кој ги отворил вратите на Русија да дефилира во Европа по нејзината агресија во Украина.
М.С.