Постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот, ѝ препорачуваат од Светска банка и од Фискалниот совет. Претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев на презентацијата на Извештајот на Светска банка за земјава, истакна дека добро е што постои консензус дека има недостаток на средства во Пензискиот фонд, и сега останува само да се изнајде решение за санирање на дупките во фондот. – Ние имаме дијагноза и дијагнозата е заедничка. Постои консензус, а тоа е дека има недостаток на средства. Останува да се утврди терапија која се дискутира и ние не сме замена за носителите на економските политики. Тоа во една поширока дебата е решение што на крај треба да го усвојат и да го решат носителите на економските политики, изјави Бишев
Пензискиот дефицит годинава достигна 4 проценти од БДП и без реформа тој се повеќе ќе се зголемува. Фискалниот совет смета дека буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив. Оттаму деновиве доставија мислење до Собранието со кое бараат во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67 години и постепено зголемување на стапката на придонесот за Фондот за ПИОМ.
Предлогот за поместување на старосната граница за пензионирање предизвика лавина реакции во јавноста. Синдикатите изразија загриженост, но од Владата смируваат дека во овој момент не се размислува за зголемување на старосната граница за одење во пензија на 67 години од 2026 година. Во меѓувреме се прават анализи како да се обезбеди стабилен пензиски фонд.
Претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев на презентацијата на Извештајот на Светска банка за земјава, истакна дека добро е што постои консензус дека има недостаток на средства во Пензискиот фонд, и сега останува само да се изнајде решение за санирање на дупките во фондот.
– Ние имаме дијагноза и дијагнозата е заедничка. Постои консензус, а тоа е дека има недостаток на средства. Останува да се утврди терапија која се дискутира и ние не сме замена за носителите на економските политики. Тоа во една поширока дебата е решение што на крај треба да го усвојат и да го решат носителите на економските политики – изјави Бишев.
Доколку не се изнајде решение, Бишев смета дека Фондот за ПИОМ на долг рок ќе мора да се финансира од буџетот.
– За 2025 и 2026 година тој процент достигнува 37-38 проценти од вкупните исплати за пензии и тоа не е нешто што не е вообичаено, меѓутоа ние укажуваме дека тој обем претставува сега товар и за самиот буџет. Тие се големи средства и заради одржливост на буџетот ќе треба да се најдат соодветни приходи во рамките на буџетот, бидејќи и средствата во буџетот имаат одредени намени – рече Бишев.
Според него, исплатите за пензии што учествуваа со 8,8 проценти од БДП, оваа година достигнуваат околу 10,3 проценти од БДП, а со најавеното зголемување во 2026 година доаѓаат до 11,5 проценти од БДП.
– За да се зголеми учеството на пензиите во БДП треба нешто друго да се намали – дали е тоа лична потрошувачка, дали е инвестиции, дали се плати. Ние го изнесовме тоа, укажавме и сега останува да се дефинираат соодветни политики. Една од политиките е тоа учество на долг рок да остане со тој процент – појасни Бишев.
Тој одби да коментира дали е добра опцијата да се национализираат средствата акумулирани во Вториот пензиски фонд, како што некои предлагаат.
– Тоа не е наше да коментираме. Ние сме независно стручно тело кое има функција да укаже на ризиците што постојат за стабилноста на јавните финансии. Ние тоа го направивме и не сакаме да ги преземаме функциите што се на носителите на економските политики, а тие функции се на Владата и ние целосно веруваме дека Владата има експерти и соодветни институции кои ќе изнајдат соодветно решение – укажа Бишев.
За одржливост на пензискиот систем, Светска банка во новиот извештај со наслов: „Преглед на јавните финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и поттикнување на отпорноста“, предлага неколку препораки за постепено намалување на пензискиот дефицит во услови на општество кое старее. Оттаму велат дека со постепено зголемување на годините на пензионирање со рок до 2040 година, нема да има посериозно оптоварување на буџетот. Како опција се предлага секој вработен кој може, да продолжи да работи.
– Одржливоста на пензискиот систем е критично прашање бидејќи до 2053 година се предвидува бројот на пензионери да го надмине бројот на обврзници за плаќање придонеси. Тековните пензиски надоместоци се релативно високи споредено со другите земји во регионот и не се поддржани со одржливо индексирањее на пензиите, зголемување на возраста за пензионирање или со актуарски правична стапка на придонес – велат од Светска банка.
Во Извештајот се нагласува дека Македонија може да се справи со растечкиот долг и да обезбеди макроекономска стабилност со подобрување на својата фискална состојба преку зајакнување на буџетската дисциплина, подобрување на ефикасноста на јавните расходи и подобрување на наплатата на даноците.
Во извештајот се нагласува дека најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донесе задоволителни резултати. Во последната деценија, земјата се соочува со повисоки фискални дефицити од споредбените земји од Западен Балкан, со ниво на долгот што надминува 62 проценти од нејзиниот бруто-домашен производ (БДП). Оттаму, потребни се поголеми напори за да се осигури дека Северна Македонија ќе остане на патот кон приближувањето до Европската Унија (ЕУ).
– За подобро да се подготви за иднината, сега е клучно Северна Македонија да почне да се справува со фискалните предизвици. Обезбедувањето на цврсти макроекономски основи може да придонесе за одржлив економски развој и намалување на сиромаштијата додека Северна Македонија се приближува кон членство во ЕУ – изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија.
Во согласност со Фискалната стратегија на Северна Македонија за периодот 2025 – 2029 година, во извештајот се вели дека има значителен потенцијал за подобрување на наплатата на даноците и за оптимизирање на расходите на јавниот сектор. Проценките на Светска банка укажуваат дека со спроведување мерки како што се намалување на ослободувањата од ДДВ, спроведување прогресивно оданочување на приходите и зголемување на даноците за животна средина и даноците на имот, даночните приходи би можеле да се зголемат за 3,5 процентни поени од БДП.
Според извештајот, со подобрување на наплатата на даноците и оптимизирање на расходите, Северна Македонија има можност да ги намали трошоците за задолжување и да распореди повеќе ресурси кон основните сектори клучни за нејзината иднина, како што се образованието и здравството.
Во извештајот се дадени низа препораки со цел насочување на земјата кон поодржлива фискална патека. Овие препораки опфаќаат конкретни мерки за зголемување на даночните приходи, реформи за подобрување на ефективноста на јавната администрација и напори за подобрување на ефикасноста на извршувањето на јавните услуги.
Групацијата Светска банка е партнер на Северна Македонија во разни проекти за финансирање и знаење со цел подобрување на ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи, подобрување на ефективноста на даночната администрација и кои опфаќаат повеќе сектори, вклучувајќи ги образованието, социјалните услуги и земјоделството.
Соработка меѓу ПИОМ и Сојузот на пензионери
Соработката помеѓу Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Сојузот на пензионери беше тема на седницата на Извршниот одбор, на која присуствуваше и директорот на Фондот, Никола Мемов. Претседателката на Сојузот, Станка Трајкова рече дека оваа средба е во насока на продолжување на соработката помеѓу Фондот и Сојузот на пензионери, којашто е воспоставена претходно, како и за запознавање на членовите на Одборот со состојбата во Фондот и мерките што ги презема новото раководство за подобрување на неговата работа. Таа додаде дека во делот на Солидарниот фонд соработката е одлична и би требало да биде така и во иднина.
Директорот Мемов рече дека по доаѓањето на функцијата се преземени мерки за подобра организација на работата на филијалите за да се надмине проблемот со заостанатите предмети со што нивниот број е значително намален. Тој исто така додаде дека во Фондот, се работи и на краткорочни и долгорочни предлог мерки за зголемување на приходите на Фондот и намалување на дефицитот, кои ќе бидат доставени до Министерството за социјална политика, демографија и млади.
(С.Бл.)